Прекинато финансирањето на филмовите на Манчевски, утврдени нерегуларности во извештаите

Агенцијата за филм врз основа на донесена одлука од страна на Управниот одбор поднесе кривична пријава против продукцијата на режисерот Милчо Манчевски, „Банана Филм“ – Скопје. Од Агенцијата велат дека одлуката е донесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело – поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“.

Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука со која го задолжи директорот на Агенцијата да донесе решение за прекин на постапување и финансирање по проектите „Кајмак“ и „Биста“ на истиот продуцент, сè до правосилно решавање на претходното прашање.

– Откако Министерството за култура изврши инспекциски надзор за проектите „Мајки“ и „Врба“, од каде овластениот инспектор достави информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција, утврдено е постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот „Мајки“. При тоа за проектот „Мајки“, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000,00 денари како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект. Што се однесува до проектот „Врба“, во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која што припаѓа на сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје, велат од Агенцијата.

Се доава дека сите иницирани постапки на Агенцијата за филм немаат намера да направат блокада на работата на било кој автор, вклучително и сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје, туку единствена цел е да се утврди дали постоело незаконското работење како и заштита на буџетските средства.

Претходна вестСтуденти од балкански земји демолирале хотел во Охрид
Следна вестНалепници со НМК, наместо нови регистарски таблички, одлучи Владата