Преку апликацијата „Мое здравје“ граѓаните ќе имаат увид во сопственото медицинско досије

Непосреден и директен увид во сопственото медицинско досије веќе можат да имаат македонските граѓани преку апликацијата „Мое здравје“ која може да се инсталира и на мобилните телефони. Ова новина во македонското здравство денеска беше претставена од страна на Министерството за здравство. Со неа, сите издадени упати, рецепти, прегледи, дијагнози, лаборатории и податоци за примени вакцини од 2013-та година отсега им се достапни на увид не само на лекарите туку и на пациентите. Апликацијата „Мое здравје“ ги обединува податоците од системот „Мој термин“ со податоците од Фондот за здравствено осигурување.

-Преку „Мое здравје“ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја, детали за рецепти, специјалистички и дијагностички лабораториски и болнички упати, досиеја за имунизација. Сите ваши здравствени податоци автоматски ќе се преземат и синхронизираат. Апликацијата ќе ве поттикне да станете активен  учесник во грижата за сопственото здравје. „Мое здравје“ претставува значителен скок напред во нашиот здравствен систем. Го поканувам секој од вас да ја прифати моќта на Мое здравје. Преземете ја контролата врз вашето здравје и добијте вредни сознанија, рече министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната презентација на апликацијата.

Жаклина Чагоровска од Управата за електронско здравство објасни дека апликацијата веќе е достапна за сите корисници на здравствени услуги во јавното здравство.

-Апликацијата е достапна од 12 мај. Можете да ја симнете. Одевме кон тоа да биде едноставна за користење, но да ги содржи оние податоци оптимално кои се потребни кои сега во овој момент можеме да ги пружиме на граѓаните за тие да имаат пристап и да добијат всушност добри информации за кои не е потребно можеби да го посетат својот лекар туку ќе ги добијат на својот мобилен уред. Апликацијата го претставува вашето електронско здравствено досие. Наменета е за граѓаните од сите возрасти кои сакаат да имаат пристап до своите здравствени податоци. Податоците се преземаат од системот  „Мој термин“ кој оваа година навршува 10 години од постоењето и навистина е богат извор на податоци за здравјето, рече Чагоровска.

Апликацијата е достапна на македонски, албански и англиски јазик во мобилна и деск-топ верзија. Пристап до апликацијата ќе има секое полнолетно лице со можност да врши увид и како родител/старател во податоците за малолетните лица за кое е одговорен. Таа е бесплатна за преземање со Андроид или иОС оперативни системи.

Претходна вестХуманитарен концерт на Камерниот оркестар „Ајга“
Следна вестМалолетник каснат од куче скитник во Скопје