Преку глава ми е од политички ТВ дебати, со две столчиња, еден микрофон и водител

Драматургот и текстописец Огнен Неделковски е револтиран од фактот дека нашите телевизии имаат сосема мала сопствена продукција и што тој недостиг го надополнуваат со нискоквалитетни серии кои претставуваат малтретирање на гледачите.

о Што им препрорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
-Да се гледа македонска играна продукција. И што повеќе да се снима. Се надевам дека авторите, продуцентите, а особено спонзорите, ќе вложуваат што повеќе време, идеи и средства во играната македонска продукција. Преку глава ми е од политички ТВ дебати, со две столчиња, еден микрофон и еден водител.

о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
-Сите теленовели од турско производство. Се изнагледавме безброј евтини и ограничени приказни, безброј варијации на иста тема. Исти ликови, исти заплети, бескрајна глупост која трае по цел ден на нaјгледаните телевизии во Македонија. Тврдам дека затупе целата нација од ова децениско ТВ малтрерирање. Особено е одвратна нивната натсинхронизација. „Кутрите“ ТВ газди, сакајќи да заштедат во сé и сешто и да им остане некој милион повеќе, бараат од еден актер да натсинхронизира по неколку ликови, па тој е присилен да го извитоперува својот глас, до неподнослова болка во ушите на ТВ гледачот. Се прашувам има ли спас од ова ново турско ропство?

o Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– На времето, по урнекот на „Белградска хроника“, МТВ секој ден емитуваше емисија посветена на нашиот главен град. Тоа одамна го нема. Проблемите, урбаниот хаос и убавините на Скопје (измачено и изобличено од наездата на провинцијалци и на кич архитекти) воопшто не се застапени на телевизиските програми.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
Би снимил што повеќе играни македонски серии и особено играни и образовни серии за деца и млади. Тоа недостасува. МТВ последната играна серија за деца ја сними во 1999 година. Тоа беше серијата „Големи и мали“, за која јас ги напишав сценаријата. Несфатливо и недозволиво е јавниот сервис на една држава 20 години да не сними ниту една играна серија за деца и млади.