Преквалификација на делото на почеток го врати судењето на Мухамед Зеќири

Судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири денеска се врати на почеток откако поради измените во Кривичниот законик се изврши преквалификацијата на делото за коешто е обвинет.  Јавната обвинителка на денешното рочиште во Основниот Кривичен суд го трансформираше поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог.

– Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар, образложи обвинителката.

Согласно сега поднесениот обвинителен предлог, на поранешниот генерален секретар Зеќири му се става на товар делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ – 353 став 4 кој предвидува казна затвор од 1 до 5 години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години а максимална 20 години.

Дополнително, согласно измените на КЗ, сега процесот ќе се води по скратена постапка, според член 470 од Законот за кривична постапка, кој вели дека делата за кои е пропишана казна затвор до пет години, се водат по скратена постапка.

Исто така, предметот отсега ќе го води судија поединец, бидејќи за кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до пет години, според ЗКП, во прв степен суди судија поединец.

По повторното отпочнување на постапката, обвинителката го дополни доказниот материјал во делот со конфискација, додека одбраната побара повторно сослушување на сведокот Кире Костов. На денешното рочиште, поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, изјави дека не се чувствува за виновен за делото кое му се става на товар, а постапката продолжи со испитување на сведок на предлог на одбраната, сопруга на поранешниот генерален секретар, Бисера Зеќири.

Инаку, Кривичниот суд го одобри решението со кое Мухамед Зеќири е ослободен од притвор и може да се брани од слобода.

 

Претходна вестПронајдени над 150 стебла „канабис сатива“ во нива сопственост на 75-годишник
Следна вестТри лица искасани од кучиња скитници во Скопје