Премиера на „Отело“ вечерва во МНТ

Претставата „Отело“ од Шекспир, во копродукција на Босанско народно позориште, во режија на македонката Нина Николиќ, вечерва во 20 часот ќе има скопска премиера во Македонскиот народен театар.

Во претставата играат актери од БиХ и од Македонија и репликите ги изговараат на мајчин јазик. Според драматургот Тамара Барачков, ова читање на „Отело“ е карактеристично по радикалниот пристап кон Шекспировите јазик и стил. Екипата интервенирала во трансформацијата на јазикот и во преведувањето во современ говор.

-Така, јазикот стана соголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес. Сепак, во одредена мера, поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детаљ што го одвојува овој лик од другите. Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, дополнително се развива поигрувањето со говорот како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество, вели Барачков.