Премиера на „Том Соер“ во Театарот за деца и младинци

Вечерва со почеток во 19 часот најмладите и нивните родители ќе можат да уживаат во најновото нешто од Театарот за деца и младинци, претставата „Том Соер“, според романот на Марк Твен, во драматизација на Горјан Милошевски и режија на Деан Дамјановски.
Режисерот вели дека претставата е комедија-фарса во вестерн стил и дека е направена во манир на популарната серија „Палавковци“, како и дека има стриповска естетика.
-Том Соер е идол на генерации деца кој нѐ потсетува дека во секој од нас лежи еден херој и дека сѐ што треба за да го разбудиме е да веруваме во себеси. Се надевам дека претставата ќе ве натера да поверувате во тоа, вели Дамјановски.
Играат Бојан Кирковски, Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска.