Премиерот има своја математика – Заев заради пописот бара поместување на локалните избори за 14 дена

Каква математика прави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, со тоа што предлага локалните избори да се поместат за две недели и тие да се одржат на 31 октомври? Менува ли тоа многу за партиите? Кому сака да му го измери пулсот со овој маневар премиерот? Му треба ли време за да ги збие редовите во партијата? Ќе се помести ли пописот заради изборите за ноември, или, пак, дури и за наредната година?

Многу прашања, иако не е за верување дека 31 октомври Заев го извадил онака од ракав.

Аргументот на Заев е дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот. Ова практично би значело одложување на изборите со оглед на тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека според Уставот изборите би требало да се одржат на 17 октомври.

-Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изброрите треба да бидат до 17 октомври, и ќе имаме поклопување на кампањата со пописот. Предлогот доминанатно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, изјави вчера Заев.

Зоран Заев се плаши од соочување со граѓаните бидејќи му е јасен судот на народот. Затоа на своја рака без консултација со останатите партии бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека ова е спротивно на досегашната пракса, но и кршење на Уставот на Република Македонија каде јасно се утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори.

-Изговорот дека се поклопува пописот со кампањата не држат, бидејќи пописот може да се одложи за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот. СДСМ и Заев до пред неколку дена ја убедуваа јавноста дека локалните избори и пописот се процеси кои можат без проблеми да течат паралелно, за сега Заев да говори нешто сосема друго. Заев менува ставови од денес за утре и тоа не е ново, но очигледно и Заев и СДСМ се свесни за расположението на граѓаните и се обидуваат да купат уште малку време со надеж дека ќе го ублажат поразот кој им следи, стои во соопштението на партијата.

Зад предлогот на Заев, застана колицискиот партнер БЕСА, а се чека да се изјаснат од ДУИ.