Пренџов: Од АНБ не информираа за системските пропусти во врска со Онишченко

Имаше определени системски прописти во случајот на давање на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, изјави денеска Љупчо Пренџов, претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. На седницата за овој случај денеска реферираше и новиот директор на Агенција за национална безбедност Зарко Милошевски.

-Со оглед на доверливоста на информациите, од Агенцијата за национална безбедност не информираа за определени системски пропусти и со дел од законските решенија во врска со случајот Онишченко. Добивме еден редослед на тоа што се случувало, од објавувањето од страна на медиумите се до денеска, рече Пренџов.

Тој напомена дека првата седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање била поврзана со прашањето на Онишченко, а втората за информацијата која што како опозиција ја побарале од страна на АНБ, за тоа што Агенцијата презела во врска со дојавите за бомби во училиштата и јавните објекти.

-Во однос на случајот со Онишченко, денеска се појави директорот на АНБ, кој пред неколку дена се извини што претходно не можел да присуствува. Генерално, добивме определени информации. Како претседател на на Комисијата, загрижен сум за тоа што АНБ, а и претходно со други имиња континуирано ги полни насловите на медиумите со негативности и сметам дека конечно мора да ставиме крај на тоа. Конечно таму мора да има ред, професионализам и да биде вистински чувар на државата, рече Пренџов.

Тој додаде дека информациите што ги добиле денеска ќе бидат доставени набрзо до Владата.

Новиот директор на АНБ Зарко Милошевски денеска по завршување на седницата рече дека ги образложил фактите и документите пред Комисијата за овој случај, но дека не може да даде повеќе информации.

-Јас ја исполнив својата законска обврска да реферирам по однос на случајот Онишленко пред Комисијата. Детално ги образложив фактите и докуменитте кои беа презентирани пред Комисијата. Со оглед на тоа што се работеше за сензитивна материја од строго доверлив карактер, не можам да дадам повеќе информации, изјави Милошевски.

Претходна вестИнцидент во Скопје, пукал со пиштол во роднина
Следна вестПовреден рудар во Пробиштип