Преспанскиот договор донесе повеќе нови уцени од соседите отколку сигурен пат во ЕУ

Што видовме по една година од преименувањето на Македонија?

Помина една година откако го сменија името на државата, дали ни се сменија животите на подобро? Ова е прашањето кое се постави деновиве околу тоа, што доби, а што загуби Македонија една година по потпишувањето на договор Заев – Ципрас, а прашањето се надоврза и за добрососедскиот договор со Бугарија. Скопјани недвосмислено посoчуваат дека Македонија попуштила премногу, се откажала од многу работи, а за возврат не добила гаранции дека се ќе биде онака како што беше најавувано и гарантирано: „Брза и непречена интеграција, прво во НАТО, а потоа и во Европската унија“. Не е мал бројот на оние кои воопшто и не го одобруваат договорот, па затоа и нема што да гледаат дали тој нешто донел по една година.

Олгица Никола Трајковска е категорична во ставот дека со Преспанскиот договор Македонија не добила „апсолутно ништо“.

-Не постои еквивалент за името, историјата, идентитетот… Уцените кои сега се случуваат се како фази на темелно разработен план за снемување на се македонско! Целосно сум скептична во однос на можноста нашата земја да стане членка на ЕУ. Можеби и ќе добие датум за отпочнување на преговори, но членка нема никогаш да биде во ваква констелација на односи на Балканот, ЕУ, САД, и особено „Берлинскиот ѕид“ со мигрантите, каде Македонија треба да биде тампон зона за заштита на Европа. Државата ги губи своите атрибути и се претвора во територија за нус-потребите на богатиот западен свет, потенцира Трајковска.

Но, Владините претставници деновиве побрза да оценат дека Преспанскиот договор „вредеше“ и дека сега земјата е почитувана од соседите и дека е скоро во НАТО. За скопјани е политичко слепило ако не гледаш што соседните земји сега и прават на Македонија.

-Шокиран сум од она што сега ни го прават соседите, Бугарија и Грција. Излезе дека немаме никакви придобивки од Преспанскиот и договорот со Бугарија. Нели тие договори беа меѓу пријателите, требаше да го зајакнат пријателството. Зошто сега ни се случуваат уцени, условувања, закани? Таков нешто не е напишано во договорите и тоа ќе повлече револт и омраза кај нас бидејќи тие очигледно ќе не блокираат во интеграциите, ни вели скопјанецот Кирил Даскалов.

Тој но и други скопјани реагираат на она што деновиве доаѓа како порака од нашите соседи. Прво бугарски министер категорично ни порача дека „или ќе признаете дека Гоце Делчев е Бугарин или ќе ги напуштиме разговорите во комисијата“. А европратеникот од Бугарија потенцира дека од Охрид до Црно Море живее еден народ – бугарски народ… Од грчка страна, лидерот на грчката опозиција кој е фаворит за иден премиер веќе одамна кажа дека Преспанскиот договор е „штетен за неговата земја“ и дека ќе се бори за „ублажување“ на последиците, посебно кога се работи за зачувувањето на брендот „Македонија“. Како ќе изгледа таа борба за ублажување на последиците од договорот не е тешко да се претпостави…

-Јасно е дека тие ќе продолжат со уцените. Тоа можеше и лесно да се предвиди и тие сега само ќе го користат она што ние им го овозможивме, вели скопјанката Радица Д.

Дали ова значи дека уцените ќе бидат се потешки и прашање е со какви резултати ќе ја дочекаме втората годишнина од договорот Заев – Ципрас?

Зошто се молчи за кршењето на договорите?
Прашањето кое гласно треба да се постави е зошто нашата земја поодлучно не реагира на навредливите изјави кои доаѓаат од соседните земји. На тоа има и право врз основа на потпишаните договори. И во двата договори јасно е наведено дека „секоја од страните ќе преземат делотворни мерки за забрана на какви било непријателски активности, дејствија или пропаганда, како од државните така и од страна на приватните субјекти…“. Тоа значи дека функционерите од соседството отворено ги кршат спогодбите и тоа мора категорично да се постави како проблем.