Престанав да следам наши телевизии откако веќе не можев да ги гледам клеветите, лагите…

Мери Мирческа, која е наша шампионка во планинско трчање, веќе со години престанала да ги следи програмите на домашните телевизии. Причината било крајно незадоволство од она што на нив дотогаш гледала.

о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
-За жал, не препорачувам македонски телевизиски канали. Веќе подолги години не ги гледам. Навистина ми е жал што ова го кажувам. Не ги гледам бидејќи не можам да издржам да ги гледам тие емисии на клевети, навреди, лаги, бесрамни изјави и изопачени вредности. Значи, се разбира дека тек – тук и нешто квалитетно ќе се појавеше, но процентот беше толку мал, што одлучив да ја прекинам врската со сите македонски телевизии. Долги години веќе е така.

Сега, никогаш не вртам македонски канал, бидејќи ми е страв да не ми се расипе доброто расположение со тоа што ќе го слушнам, дури можно е и да се изнервирам. Пак, нагласувам, сигурно има малку квалитет, ама ете, и сировото гори покрај сувото. Инаку, препорачувам да се гледа National Geographic, Viasat History, Viasat Nature, и други нивни канали бидејќи има реални адекватни и поучни содржини во кои се опфатени најразлични аспекти, според интересите на гледачите.

оШто сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
-Содржини кои “трујаат”, но додека едни содржини ги трујаат одредени луѓе, истите содржини, други луѓе ги хранат. Па, според тоа, секој човек си проценува сам што ќе гледа на ТВ.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Да е поучна, да се информациите вистинити, неманипулативни и да се согледаат консеквенците на подолг рок. Пособено влијанието што конкретната емисија ќе го изврши на помладата популација. Би сакала да се зголеми застапеноста на емисии од друг вид освен политички, со телевизиски серии од поинаков карактер од моменталните. Би морало да се создаваат и емитуваат повеќе научно – едукативни емисии. Значи, постепено да се смени навиката на гледачката публика.

о Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
-Не можам да го одговорам ова прашање бидејќи повеќе години избегнувам македонски телевизии. Би сакала ова да не беше вистина и реалност. Не знам какви комисии постојат кои од научен аспект одобруваат или цензурираат одредени емитувања по македонските канали. Мислам дека немаме правилен избор на телевизиски програми. Не ги обвинувам ниту сопствениците на телевизиите, ниту новинарите, тие најверојатно даваат тоа што бараат гледачите, за да им се зголеми гледаноста.