Повик до сите пратеници во македонскиот парламент да се изјаснат против уставните измени упати денеска академикот Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ. Во обраќањето на годишното собрание на оваа академска институција Коцарев потенцира дека само на тој начин Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да не се распадне.
Тој потенцира дека Македонија треба да чекори по европскиот пат, но на тој пат ние треба да чекориме само како Македонци. Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување и разнебитување.
-За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени. Ако сега кажеме „не“, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да не се распадне. Ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нестварни и бесмислени барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на Уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори. Договорите со Грција и со Бугарија значат крај на македонската историја. За Македонија не постои план Б: ова парче земја е нашата единствена татковина – Македонија, па затоа, 120 години по излегувањето на книгата ‘За македонските работи’, на борба за правото на самоопределување на македонскиот народ во меѓународната заедница, што ќе го отелотвори достоинствениот живот на Македонците, нагласи Коцарев.