Повлекување на оставката којашто неодамна ја поднесе денеска објави Христо Петрески, претседател на друштвото на пистелите на Македонија. Во објавата на својот профил на социнјална мрежа Фејсбук тој наведе дека оставката којашто ја поднел била изнудена.
-По барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани, објави Петрески.
Петрески на 9-ти октомври поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на ДПМ. Тој преку писмено соопштение информираше дека поднел оставка од здравствени причини.
– Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати, наведува Петрески.
Неодамна, осум члена на Претседателството поднесоа неотповикливи оставки. Писателите Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска ги поднесоа оставките на 4 октомври. Во соопштението објавено од писателите по тој повод, во петокот, тие се заблагодаруваат на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022 година, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакуваат плодна и успешна работа. Неотповиклива оставка од членството во Претседателството на ДПМ потоа поднесе и книжевникот Бранко Цветкоски, заради како што наведе, непочитување на статутот на Друштвото и приватизирање и манипулирање на тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на Претседателството од страна на актуелниот претседател на ДПМ пистаелот Христо Петрески.
Претседателството на ДПМ, според Статутот на организацијата, брои девет членови.
Тогаш, Петрески ги отфрли, како што наведе, сите невистини и инсинуации изнесени во јавноста од страна на членови на Претседателството.
-Целокупното работење на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија од Изборното собрание до денес е водено според Статутот на Друштвото на писателите на Македонија. Сите одлуки за активностите на Друштвото на писателите на Македонија се поставени на седници и верификувани од страна на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија .Пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото на писателите на Македонија. За работата на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија постои архивирана и верификувана соодветна документација, беше наведено во реакцијата.