При долгиот карантин можеа непречено дупките по улиците да ги закрпат, ама…

Сообраќајот во Скопје е намален, полициски час, луѓето и фирмите послабо се движат… едноставно улиците се попразни од вообичаено пред корона кризата. Единствено исто присутни си се дупките по булеварите и улиците.

Дупки-кратери, нерамнини, вдлабнатини, нерамни шахти си останаа голема опасност, како за оштетувањето на возилата, така и потенцијална причина за сообраќајни несреќи. Надлежните од градското претпријатие „Улици и патишта“ овој проблем како да го решаваат кампањски – чека да се „насоберат“ повеќе дупки па да се поправаат… Епа дупките се могу, што се чека? А да не зборуваме дека сега при редуциран сообраќај и целодневни карантин е одличен момент за нивно поправање. 

-За време на минатиот долг карантин кожеа голем дел од дупките да закрпат, ќе немаше метеж, што чекаат не ми е јасно, ни реагира таксистот Владо.

-Има дупки кои никако да ги закрпат. Етем видете ја само дупката кај крстосницата пред Новата железничка станица. Таа стои со месеци и никако да ја поправат, а таа станува се поголема. Треба ли некоја кола да пропадне и да се искрши за да решат да ја поправат. Возачи кои често поминуваме тука ја знаеме веќе, но има и оние кои не знаат, ни вели Васил А., возач од Скопје.

Колку е во право овој возач забалежавме и сами на оваа крстосница. Дупката е практично неизбежна за возилата кои од правецот на Народна банка вртат десно , како и за оние кои од правецот на поранешниот Саем возат кон поликлиниката Пролет. За да се избегне дупката мора да се смени правецот на движењето, а тоа создава опасност од судирите.

Последното крпење на скопските улици, според официјалните информации на интернет страницата на ЈП „Улици и патишта“ е извршено пред педесетина дена. Поточно, на 8 март кога се санираа ударните дупки долж булеварите и улиците – „Александар Македонски“, „Никола Карев“, „Френклин Рузвелт“, „Даме Груев“, „8-ми Септември“… Нашата екипа можеше да забележи дека се поправени и дупките кои со месеци беа ризик на прометната улица „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“), а за кои предупредувавме на страниците на „Скопско ехо“. Но, останало уште работа бидејќи во меѓувреме се појавуваат нови и нови…

-Ова дупка е одамна и по секој дожд станува се поголема. Блиску е до ивицата на коловозот и по неа поминуваат автобусите од правецот на Драчево кон центар. Поминуваат и лесни коли ако на време не ја забележат. А тешко се забележува кога тука се вози брзо, ни вели таксистот Бојан Р. кого го затекнавме кај автобуската постојка кај Цементарницата.

Оштетувањето на коловозот тука е големо и надлежните треба да објаснат како до сега не го забележале за да испратат екипи да го закрпат асфалтот. А кога ќе им текне, на други места ќе се појават нови…

Очиглено, нештата мора да се сменат кога е во прашање одржувањето на скопските улици. А сега е најпогодното време за тоа.