При пожар веднаш исклучете ја струјата и затворете ги вратите за да нема влез на воздух

Благој МЕНКОВСКИ, помошник командант во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје ни зборува за опасностите од се почестите пожари во станбените објекти по градот, како и за превентивата од нив.

о Кои се најчести причините за пожарите во станбените објекти во градот?
– Во однос на вкупниот број на пожари, горењето на станови е застапен со околу 10-15 проценти. Навидум тоа не е многу, но големи се штетите, жртвите кои ги има, личните трагедии на семејствата, проблеми на соседите… Проблем е што пожарите во станбените објекти многу лесно избувнуваат. Доволно е само да имате електрична инсталација на која сте приклучиле премногу електрични уреди, најчесто грејни тела, да сте оставиле синтетички материјали да се сушат цела ноќ на термо печка, телевизорот кој ви работи многу да е ставен во дупка во регалот каде нема проток на воздух за ладење, да не го исчистите филтерот на клима-уредот, да заборавите на тенџерето на шпоретот, да не внимавате на плинско решо, па се до се поприсутното палење на мобилни телефони кои се прегрејуваат откако се оставени да се полнат по цела ноќ… Имаме и случаи на заспивање со запалена цигара. Сето ова се најчести причини за пожарите во станбените згради кои се опасни бидејќи настрануваат ненадејно, брзо се шират, предизвикуваат паника кај станарите. Заради сето тоа мора максимално да се внимава кога се работи за безбедноста во становите и во зградите.

о Како да реагираат сопствениците на становите, соседите во случај кога ќе настане пожарот?
– Треба да се реагира зависно од видот на пожарот. Ако е избувнат во кујната треба да се исклучи струјата, да се затворат вратите од неа за да нема доволно кислород за да се шири огнот и со прирачни средства да се гаси огнот, со наводеното ќебе, со вода, со противпожарен апарат, се зависно од видот на пожарот. Се разбира, што побрзо треба да се повикаат пожарникари на бројот 193. Многу е важно да не настане паника туку да се има најрационално однесување. Станот може да се напушти ако процените дека можете да поминете надолу по скалите држејќи се за гелендер, односно, ако чадот не е прегуст за да поминете. Многу е ризично да се оди нагоре по скалите бидејќи за кусо време тој простор може да се исполни со чад и да ве задуши. Подобро е да се остане дома, со затворање на врати да се изолира просторијата која почнала да гори за да таму се намали кислородот. Треба да се засолните на другиот дел од станот, на спротивната, подалечната, страна од огнот. За да огнот дојде до тој дел сепак му треба време, а тоа време ќе биде доволно за да стасаат пожарникари кои ќе организираат гаснење и евакуација. Ако е запален станот под вас и огнот оди кон вашиот балкон, треба да ги тргнете лесно запаливите работи од вашиот балкон. Сега е и проблем што дограмата е пластифицирана и таа лесно и брзо гори. Кога таа беше дрвена, огнот побавно се ширеше.

о Како да се делува превентивно, за да не се случи да избувне пожар?
-Мора да се води голема сметка. Основно е да не се дозволи преоптоварување на електричните инсталации. Ако сте исклучиле парно, ризично е да приклучувате на продолжен кабел повеќе уреди за греење. Проверете ја електричаната инсталација дома. Чистете ги филтрите од клима-уредите за да не ги запалат завесите. Не сушете ги синтетичките платнени работи на термо печките бидеќи тие може за се запалат од топлината. Не го оставајте мобилниот телефон да се полни по цела ноќ оти и тој може да се запали. Загревањето на штекерите за струја е прв знак дека можат и да се запалат. Мора да се внимава и при готвењето на електрични шпорети и плински решоа, а големите шишиња со плин треба да се чуваат надвор. Да не зборувам и за тоа дека сопствениците кои се греат на печки на дрва треба редовно да ги чистат оџаците.

о Што како опрема треба да имаат сопствениците на становите за да им помогне во случај на пожар?
– Дома треба да се има и противпожарен апарат кој може брзо и ефикасно да се употреби. Или, барем црево за вода кое ќе го приклучите на чешма доколку во станот или во близината избувне пожар. Јас имам тоа дома и тоа може многу да помогне во ситуацијата кога гори во близината на вашиот стан во зградата. Не смее да се трупаат лесно запаливи работи на балконите бидејќи не знаете дали одозгора некој може да фрли запален пикавец кој ќе ги запали. Таму и просторот за противпожарните скали мора да биде прооден. Но, тоа, за жал, не е случај кај многу згради, исто како што се често неисправни хидранти на скалите.