Припадник на ИСИС планирал со камион да изврши напад во центарот на Белград

Игор Деспотовиќ (23), кој беше обвинет поради сомнение за поттикнување тероризам, објавување пораки за поддршка на Исламската држава, но и пишување упатства за труење на немуслиманското население, веќе бил осуден за слично дело во 2018 година, под сомнение дека планирал напад со камион во центарот на Белград.

Според информациите до кои дојде српскиот медиум „Блиц“, против овој белграѓанин е поведена постапка затоа што објавувал грозоморни пораки на социјалните мрежи во периодот од 2020 до 2022 година. Тој добил шестмесечен куќен притвор со електронски мониторинг.

Деспотовиќ, пред неколку години го прифатил исламот и бил во постојан контакт со лидерите на ИСИС. Приведен е во 2017 година кога се подготвувал да „украде камион и да влета во улицата „Кнез Михаилова“ и да прегази што е можно повеќе луѓе“.

Кај уапсениот биле пронајдени детални планови за нападот, како и кореспонденција со радикални исламисти од Сирија и Западна Европа.

Деспотовиќ дејствувал самостојно, но српската полиција интензивно ги проверува сите траги кои потенцијално би можеле да доведат до други радикални исламисти кои „се подготвени да убиваат во Србија по наредба на ИСИС“, пишуваат српските медиуми.

– Кај Игор Деспотовиќ тогаш биле пронајдени четири телефони, две камери и лаптоп. Пронајдени се и три документи со наслов „Евакуација“, „Мапа“ и „Замки“. Во телефонот на Деспотовиќ е пронајден и план со наслов: „Тактики на праведниот терор – напад со камион“, кој детално опишал како да се избере локација за напад со камион или комбе. Се сомневаме дека имал намера да го копира крвавото сценарио од Барселона во Белград, да убие возач, да му го украде камионот и да го забие во Кнез Михаилова од правец на улицата Париска кај Калемегдан, пишува во документите од истрагата

Како што наведува „Блиц“, Игор Деспотовиќ станал „безбедносно интересен“ за српските власти во текот на август 2016 година.

– Тој беше еден од најактивните луѓе во ширењето пропагандни материјали на радикалните исламистички групи, особено на ИСИС. Врз основа на оперативните податоци, Деспотовиќ беше идентификуван како некој кој потенцијално би бил предмет на индоктринација со крајна цел да изврши терористички акти. Таа одлука на нашите агенти се покажа како правилна и многу корисна, бидејќи врз основа на неа сега е спречено крвопролевање во Белград, објаснува изворот на српскиот весник.

Претходна вестНе е добро насилниците од повисоко да ги гледаат полицајците
Следна вестСпасовски: Уапсени командир, замeник командир и 6 службеници на полицијата