Пристигна „Експресниот воз“ од ЕУ и си замина, останаа нашите возови

Македонските железници сношти беа дел од глобален настан насловен како „Connecting Europe Express“. Со тоа сакаа да испратат порака дека припаѓаат на големото современо железничко семејство.

-Македонија е природен крстопат помеѓу Исток и Запад и низ неа минуваат два европски патни правци, Коридорот 8 и Коридорот 10, што не става во позиција да сме значаен транзит за транспортот на патници и стоки, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој со експресниот воз пристигна од Белград каде учествувше на Самитот посветен на развој на Железницата во земјите од Западен Балкан.

Но оваа предност, досега Македонски железници ја немаат надградено. Иако сме значајна транзит зона, и модернизација на железничкиот сообраќај е посебен предизвик за нас како држава веќе три децении, засега се е останато на ветувања.

Министерот тврди дека е подигната безбедноста на железничкиот сообраќај и дека е овозможено побрзо движење на возовите до 120 километри на час. Но ние немаме возови кои ги исполнуваат условите кои ги очекува европското железничко семејство, а за воља на вистината, нашите возови се движат „со брзина на полжав“.
Инфраструктурата, во која припаѓаат и станичните услуги низ градовите е застаната на понуда од минатиот век. А ветуваниот железничкиот сообраќај Скопје-Софија, уште е во фазата на дозавршување.

Инаку, овој воз предвидено е да посети 26 земји од Европа. Следна негова станица е Атина. Патувањето го започна на 2 септември во Лисабон а ќе го заврши, на 7 октомври во Париз.

Ние го пречекавме „Европскиот воз“. Дојде и си замина, како и сите други возови.