Приватните превозници на протест, ЈСП „Скопје“ ги префрли автобусите во Транспортниот центар

Мирен протест пред централата на ЈСП „Скопје“ во скопската населба „Автокоманда“ ќе одржат денеска приватните автобуски превозици коишто веќе пет дена не сообраќат во системот на јавниот градски превоз. Потоа, тие ќе остварат средба со сите советнички групи на Советот на Град Скопје за изнаоѓање решение на проблемите со кои се соочуваат.

Откако приватните превозници најавија дека денеска своите возила ќе ги паркираат пред централата на ЈСП, јавното претпријатие своите автобуси чии линии тргнуваат од централата во Автокоманда ги префрли во Транспортниот центар под Железничка.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска вчера ги обвини приватните превозници од „Макекспрес“ и од „Слобода превоз“ дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец.

Но, во демант на таквите обвинувања превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.

-„Слобода превоз“ од воведување на системот, но и никогаш претходно, не продавала билети за превоз. За набавка, продажба и парите од билетите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси, нагласи директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Тој потенцираше дека немаат никаков допир со наплата на билети и оти целата продажна мрежа се одвива преку пунктови коишто ги има определено ЈСП. Јовановски порача дека доколку им се дадат финансиски средства за гориво, јавниот превоз би бил пуштен во функција веднаш, додавајќи дека се свесни за кризната состојба и затоа не бараат целосна исплата, туку тековни средства за да можат да можат превозниците да возат.

Пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73.

Претходна вестСончево со мала до умерена облачност и ветер
Следна вестИнспекција во гевгелиската градинка ќе утврдува дали имало насилство или детска игра?