Приведени четири лица за каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград

Двајца мажи и две жени се приведени од полицијата во Благоевград во врска со вандалскиот чин врз македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“.

Тие, како што пишуваат бугарските медиуми, го признале делото за кое се товарат.

Приведените, како што пренесуваат бугарските медиуми, се на околу 40 годишна возраст и немаат криминално досие. Според нивните информации тие се враќале од прослава на која веројатно конзумирале алкохол.

Според првичните информации се работи за двајца вработени во Општинското претпријатие „Озеленување“ на општина Благоевград и нивните сопруги. Градоначалникот на Благоевград  Илко Стојанов коментира дека судот е надлежен орган кој може да се произнесе за кривичното дело, а тој како работодавач на двајцата вработени може да се произнесе само за Кодексот на работа.

-Доколку се докаже вината на општинските службеници, ќе го применам принципот на реципроцитет на казните, тоа значи дека ќе ги казнам оние кои работат во општина Благоевград со точно иста казна како што ќе бидат казнети цариниците, граничната полиција и други функционери во Република Северна Македонија кои предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари. Во моментот кога ќе бидат отпуштени вработените во Северна Македонија кои ги малтретираа бугарските граѓани, веднаш ќе ги отпуштам вработените во ОП Озеленување на општина Благоевград,, рече градоначалникот Стојанов, пренесува 24часа.бг.

Стаклото на влезот на македонскиот културен клуб во Благоевград беше искршено со камења вечерта на 4 февруари.

Претходна вестСончево со малку облаци и умерен ветер
Следна вестБитка за секој живот под урнатините во Турција и Сирија, бројот на жртвите надмина 8.700 лица