Привршува реконструкцијата на Пластичарска, сега уште сообраќајната култура да се среди

Привршува првата фаза од реконструирањето на познатата Пластичарска улица. Имено, со нанесување на завршниот асфалтен слој, викендов, екипите на Град Скопје ја финализираа првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, позната како Пластичарска улица. Сега наликува на современа сообраќајница која има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило.

Градежните работи викендов се изведуваа на потегот од крстосницата со ул. Самоилова во близина на амбасадата на САД до влезот во касарната „Илинден“, а со реконструкцијата на улицата од клучката Бит-пазар во вкупна должина од 1.440 метри, Скопје доби уште едно ново булеварско решение.

Сега останува на овој дел од булеварот да се воведе и поголема сообраќајна култура, бидејќи сведоци сме дека и порано пред реконструкцијата, но и сега, повторно едната коловозна лента се користи за привремен паркинг, а тротоарот за излог.

Инаку, од Град Скопје соопштуваат дека во тек е проектирањето на втората фаза која ќе опфати градежни активности на потегот од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, како и изградба на голема клучка кај Тетовска трошарина.