Скандалите во Судскиот совет не запираат туку продолжуваат. Ова значајно судско тело вчера попладне одржало серија на седници на кои биле донесени повеќе одлуки за кои се поставува прашањето дали се донесени со запазување на сите правила. По недомнешното контроверзно разрешување на претседателката Весна Дамева, членовите на Советот вчера решиле да одржат прва седница затворена за јавност на којашто беше донесена одлуката за ставање вон сила на таа одлука.
-Судскиот совет на Република Северна Македонија по барање за свикување на итна нејавна седница согласно чл.38 ст.3 од Законот за Судскиот совет на РСМ, на 04.05.2023 година (четврток) во 13.30 часот ја одржа 440-та итна нејавна седница на која едногласно беше донесена одлука за исклучување на јавноста согласно чл.39 ст.2 од Законот за Судскиот совет на РСМ, по што донесе одлука со која се става вон сила решението на Судскиот совет на РСМ бр.02-901/1 од 26.04.2023 година со кое Весна Дамева се разрешува од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ, сметано од 26.04.2023 година, беше објавено вчера на веб-страницата на Судскиот совет.
Но, веднаш потоа Советот си продолжи со седниците. Па така, се одржа 441 седница на којашто се случи повторно разрешување на Дамева.
-Судскиот совет на Република Северна Македонија по барање за свикување на итна нејавна седница согласно чл.38 ст.3 од Законот за Судскиот совет на РСМ на 04.05.2023 година (четврток) во 14:00 часот ја одржа 441-та итна нејавна седница на која едногласно беше донесена одлука за исклучување на јавноста согласно чл.39 ст.2 од Законот за Судскиот совет на РСМ и врз основа на изгласаната недоверба на Претседателот на Судскиот совет на РСМ Весна Дамева, со 9 гласа „За“, донесена е Одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ, се наведува во соопштението.
Воедно била донесена и Одлука со која се констатира оставката на м-р Селим Адеми од функцијата заменик претседател на Судскиот совет на РСМ, со „одложно дејство до избор на нов претседател на Судскиот совет на РСМ“.
Набрзо по ова, се одржала уште една затворена седница, како продолжение на онаа на којашто првично беше разрешена Весна Дамева. На неа, како што беше соопштено, за нов претседател на Советот е избран Сашко Георгиев.
Одлуките за нејавни седници од Судскиот совет ги правдаа со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата.
-Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија. За исклучување на јавноста од седниците, Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас, гласи ставот 2 од членот 39.
Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија
Дополнително, во понатамошниот текст на законот, конкретно во ставот 3 од истиот член, се наведува дека Советот е должен да ја извести јавноста за причините зошто седницата е тајна.