Професор Димовски: По дојавите за бомби во Србија требаше да се подготвиме за таквото сценарио и кај нас

Праќањето на дојави за поставени бомби по скопските училишта е алармантно делување кое треба да се разрешува, мора да се работи долгорочно, истрајно и да се идентификуваат модусите, средствата, каналите и методите на упади, делување и уфрлување на непосакувани содржини и правење на нелегални дејствија на одредени групи и поединци, вели во интервју за „Скопско ехо“ Злате Димовски, универзитетски професор на Факултетот за безбедност во Скопје.

Заканувачките пораки за подметнати бомби деновиве пристигнуваат по скопски средни училишта…, станува ли ситуацијата алармантна?

Брзата размена на информации и рефлексијата на се она што се случуваше во нашето опкружување е една логична причина за состојбата во која е вовлечена нашата држава. Имено, пред извесно време во Србија во подолг временски период, континуирано, се случуваа слични сценарија на појава на закани за поставени бомби. Веднаш беше потребно да се подготвиме и направиме соодветно сценарио како би постапувале ако таквиот модус се пренесе и кај нас. Очигледно е дека поради наоѓање на специфичен провајдер и начин на пренесување на заканите за поставени бомби некој или некои се одлучиле да ги искористат искуствата од Србија и да применат модус идентичен како кај нив. Овој начин на делување е алармантен од неколку причини:

1. се внесува страв и паника кај граѓаните;

2. недоверба во институциите на системот дека можат да се справат со ваквите појави на лажни дојави, а уште полошо да се попречи евентуален бомбашки напад, согласно заканите;

3. се создава клима на дезорганизација на системот особено во перцепцијата на младите кои учат во училиштата кои се посочени како таргети;

4. прават упад во севкупната безбедносна состојба во државата и се сака да се издејствува истоштување на безбедносните сили и очекуваат, поради веќе повеќе пати повтореното лажно пријавување, да се наметне клима на непреземање на предвидени чекори во вакви ситуации и банализирање на постапките, за потоа да можат да делуваат (доколку се работи за екстремистички или терористички групи);

5. се наметнува амбиент на неможност од откривање и создавање на клима на поттикнување на нови ситуации на групите кои имаат екстремистички или терористички групи.

Дали е започната еден вид сајбер – војна, еден вид хибридна војна против Македонија, кој ја води и со која цел?

Од оваа перспектива и позиција нема некој кој може јасно да дефинира кој стои зад овие настани. Крајно и да се откријат одредени лица кои ги праќале пораките во целост нема да можеме да ги најдеме сите одговори од типот – кој бил иницијаторот, кој логистицирал, поттикнувал, евентуално финансирал и кои се крајните цели, кои можат да бидат мултифакторски. Поимот хибридна војна е широк поим кој зафаќа различни постапки и влијанија кои имаат за цел слабеење на општествените системи и да предизвикаат дезорганизација, поттикнување на граѓански немири, непослушност, губење на довербата во системот и губење на демократскиот капацитет на државата. Па така можеме и овие дејствија да ги опфатиме во тие рамки, но целта е нејасна.

Крајно и да се испостави дека се работи за група на млади лица кои поучени од врсниците од соседството сакале да обезбедат слава, неучење и предизвикување на хаос, кои ќе се бранат со неразбирање на реалните опасности од нивните постапки, сепакпотребно е да се добијат податоци за сите кои го поддржувале тој процес или појава и казнување за нивното постапување.

Можат ли да се откријат сторителите со оглед на огропмниот интернет сообраќај во светот и кај нас, а и сторителите се вешти во криењето?

-Виртуелниот свет е широк простор во кој оние кои имаат поголеми познавања од компјутерските техники можат да прават добри дела, но и да прават дејствија кои тешко се откриваат. Меѓутоа, ништо не е невозможно. Мора да се работи долгорочно, истрајно и да се идентификуваат модусите, средствата, каналите и методите на упади, делување и уфрлување на непосакувани содржини и правење на нелегални дејствија на одредени групи и поединци. Постојат постапки и начини на идентификација на испраќачите на пораките, а дали ние со нашите сегашни ресурси ќе успееме да им влеземе во трага е прашање за кое одговор се чека. На основ на меѓународна соработка, доколку е потребно по пат на веќе воспоставената комуникација со други полициски структури од други држави, можно е да се побара и добие стручна помош. Со чинот на откривање на личноста ќе се подигне нивото на доверба во полициските структури и граѓаните ќе се чувствуваат побезбедно.

Колку постојаните дојави може да ја исцрпат македонската полиција која мора да врши секојдневни и бројни проверки? 

Во ситуации кога имаме дојава за поставена бомба мора да се постапува согласно стандардни оперативни процедури кои, кои покрај што бараат обезбедување на лице местото побарува и евакуација на сите кои се наоѓаат или гравитираат кон тој простор, независно дали е отворен или затворен простор, во општествена-државна или приватна сопственост. Потоа се вклучуваат единиците за антитероризам и деминирање. Во овие единици имаме респектибилен број на човечки ресурси. Тие го сносат најголемиот товар од потреба од идентификација на поставената бомба или експлозивно средство и/или потврдување дека теренот е чист и дојавите се лажни. Овие активности бараат покрај обучен кадар и соодветни технички ресурси, вклучување на полициски кучиња и единиците за специјални задачи, доколку има потреба. Дефинитивно, доколку ваквите дојави се однесуваат на повеќе локации и во повеќе населени места, можат да ги оптоварат службите и да се дојде до ситуации на недостаток на обучени истражители. Како цел на терористички и екстремистички групи се јавува и овој дел на исцрпување на службите и доаѓање до ситуација на недостаток на концентрација и сили за да покасно се делува со вистинита најава, поточно поставено експлозивно средство, па дури и секундарни направи со цел постигнување на максимален ефект од нивната намера.

Претходна вестИ денеска нови дојави за подметнати бомби: Евакуирани учениците од „Никола Карев“ и од „Корчагин“…
Следна вестЗавршено партерното уредување на „Крстот“ во Кучково