Професор Јовевски: Оние кои ќе принудуваат вработени на вакцинација спротивно на нивната волја ќе бидат и кривично одговорни

Со Лазар Јовевски, вонреден професор по трудово правo на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ зборуваме за новопредложените мерки за заштита од корона вирусот, кои се оспорени од синдикатите, голем дел од граѓаните…

Комисијата за заразни болести и министерот Филипче предложија нови мерки кои предизвикаа реакции и отпори кај голем дел од граѓаните, синдикатите. Велат дека мерките не само што се без здравствена логика туку се и незаконски…

– Предложените мерки се спротивни пред сè со Уставот на Република Македонија како и со низа закони и меѓународни конвенции кои Македонија ги има ратификувано. Во нашиот Устав се загарантирани основните човекови права, и тоа во член 9 се гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во член 12 дека слободата на човекот е неприкосновена, во член 32 се гарантира правото на човекот на работа, итн. Од меѓународните акти ја издвојувам Резолуцијата 2361 на Советот на Европа: точка 7.3.1. Граѓаните да бидат информирани дека вакцинацијата против Ковид 19 не е задолжителна и дека никој не смее да биде под политички, социјален или друг вид на притисок за да се вакцинира ако тоа не сака да го направи и точка 7.3.2 Никој нема да биде дискриминиран, затоа што не се вакцинирал, било поради здравствени ризици или затоа што не сака да се вакцинира! Исто така спротивни се на Законот за работните односи, во членот 6 и 7, како и Законот за Безбедност и здравје при работа. Работодавачите кои ќе ги принудуваат  вработените на вакцинација спротивно на нивната воља, ќе бидат и кривично одговорни! Самата поделба на луѓето на вакцинирани и невакцинирани претставува нееднакво сметање и дискриминација на едните во однос на другите. Во случајот на невакцинираните им се ограничуваат човековите права, потоа и правата од работен однос, здравствена заштита (оние граѓани кои нема да ги примаат на болничко лекување поради тоа што не се вакцинирале ќе продолжат да плаќаат за здравствено осигурување, но нема да можат да го користат), итн. Тврдењето на Министерството за здравство дека не ги присилува граѓаните на вакцинација, со оглед на тоа што им се остава можност да прават пцр тест на секои три дена и тоа- внимавајте: на сопствен трошок, е само параван на притисокот, се разбира, бидејќи и онака осиромашените граѓани „благодарение“ на несоодветните економски политики кои доведоа до растечка инфлација секако дека ќе ги натера граѓаните да бараат начин како да го избегнат тој трошок. Поаѓајќи од ова, можеме ли да останеме рамнодушни кога се кршат брутално човековите права и слободи во Македонија.

Вие веќе ги повикавте македонските адвокати да ги застапуваат онеправдените граѓани…

– Точно, има фирми кои веќе отворено ги условуваат работниците да се вакцинираат и тоа од поодамна. Изборот за вакцинација отсекогаш бил прашање на информирана согласност, а особено во овој случај. Од таа причина сметам дека доколку се донесат незаконските мерки, граѓаните треба да добијат заштита на своите права по правен пат, односно првично оспорување на уставноста на мерките пред Уставниот суд, но паралално секако и со соодветни поднесоци и правни процедури кои треба да ги води односно застапува адвокат. Ги повикав и еве оваа прилика повторно ќе ја искористам да ги повикам нашите адвокати да ги застапуваат граѓаните во вакви постапки и тоа бесплатно, по примерот на нивните хрватски колеги кои веќе се приклучија на таква иницијатива, бидејќи на тој начин ќе добие многу целата заедница и целокупните придобивки од остварените граѓански права и слободи ќе бидат  многу поголеми од самата цена на адвокатските услуги во овој случај. Но, ова е и можност земјата да покаже дека навистина имаме владеење на правото, судовите, односно самите судии, да покажат непристрасност и независност во одлучувањето, а власта да покаже дека може да се воздржи од притисоци и да овозможи реална демократија.

Што може да се направи за да Владата не донесе една ваква мерка, на кој начин би можело тоа да се спречи?

– Влада во демократска држава би требало да го послуша гласот на народот. Имаше силни реакции веднаш по најавата на министерот од страна на синдикатите… Така што, Владата во нејзиното незаконско и дискриминирачко постапување би ја спречила единствено волјата на народот. Почитување на граѓанските права и слободи, недискриминација на населението, е основна примиса да се биде во служба на граѓаните од страна на Владата. Но, би потсетил дека граѓанско право е правото на протест, иако се надевам дека нема да има потреба од такво собирање и дека ќе се има слух од страна на надлежните.

И досега од страна на задравствените и други власти беа донесувани мерки кои предизвикаа реакции во јавноста. Какви мерки биле тоа, со кои се нарушувале правата на граѓаните?

о Па, слободата на движење на граѓаните кои не се вакцинирани веќе е ограничена. Не смеат да влегуваат во ресторани, молови, кино, театар, саеми и настани на отворено, не смеат да одат на свадби, итн. Всушност, досега имаа право само да пазарат во ограничен број места и да одат на работа, со најавените нови мерки гледате дека и овие права им се ограничуваат. Друга ситуација се оние кои имаат прележано ковид. Во земјите во ЕУ, па и пошироко во светот, сертификат за ковид прележан важи од 6 до 12 месеци. Кај нас истиот сертификат важи само месец и пол! Не треба да си медицинско лице за да сфатиш дека не излегува математиката во корист на граѓаните. И наши познати епидемиолози излегуваат со ставови дека досегашните мерки се нелогични но Министерството и Комисијата за заразни болести нема слух. Би го цитирал овде Проф. д-р Пановски: „Не ги малтретирајте прележаните, дајте им 12 месеци рок да се вакцинираат, дајте им сертификат. До сега, за 18 месеци од почетокот на пандемијата, починале 5 лица претходно прележани, а за 6 месеци од вакциналната кампања кај нас починале скоро 200 комплетно вакцинирани.“ Исто така треба да се земе предвид и тоа дека вакцинираните ја шират болеста како асимптоматски носители, а нивното право на движење воопшто не е ограничено. Од друга страна, имаме голем број на граѓани кои го прележале вирусот, кои имаат антитела, па дури и крвна плазма даваат и на тој начин буквално спасуваат животи, но нивниот имунитет не важи и се присилени да се вакцинираат, иако би можело негативно да им се одрази на здравјето.