Професорот Трајче 20 години покажува како се прави Скопје – зелен град, ама…

Паркот на музиката, за жителите од Ново Лисиче, одамна стана култно место и поим за среденост во која се ужива. Така беше од негово настанување на почетокот од последната деценија од минатиот век кога благодарение на ангажманот на двајца станари Кире Ристевски и неговиот сосед Ѓоко од двете кули на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ почна да се уредува заедничкиот двор. Тие ги поставија и првите музички инструменти по кои паркот го доби и своето убаво име.
Но, грижата за овој парк не заврши тогаш кога околу 2000-та година тие веќе не можеа да се грижат за зелената површина. Се најде нов комшија, нова личност, тогашен универзитетски професор на Земјоделски факултет и Земјоделски институт Трајче Младенов, која ја продолжи грижата за Паркот на поезијата која трае до ден денешен, речиси цели две децении.

-Секогаш сум сакал да живеам и престојувам во средена околина. И заради тоа воопшто не ми беше тешко или проблем да почнам да го одржувам Паркот. Тогаш бев во работен однос и на паркот му се посветував во попладневните часови, сега сум пензионер, но грижата продолжува – најмалку 2-3 дена во неделата ми се посветени на уредувањето, ни објаснува професорот Младенов.

Неговата грижа за паркот најчесто се состои во собирањето на отпадоците, кастрењето на грмушките, живата ограда, окопувањето на стеблата, полевањето… Во зимскиот период ангажманот е помал, но во периодот од март па до октомври секогаш има работа во дворот.

-Ми помага и тоа што сум агроном по професија и знам како се одржуваат растенијата. Би сакал и другите соседи, и тука и кај други згради по градот, повеќе да се грижат за сопствените дворови. На тој начин, градот ни би бил многу поубав. Многу комшии ми викаат дека е убаво тоа што го правам, а тие велат дека „немаат време за такво нешто“. Јас мислам дека е главен проблем во нашиот менталитет, во тоа што имаме проблем со менталитетот и што се прашуваме „Зошто јас да го правам тоа?“ и што очекуваме дека некој друг ќе го направи тоа, наведува професорот.

Вели дека во градот зеленинилото е добро избрано по видови на дрвја но дека недостасува редовно одржување, посебно полевањето.

Тој вели дека и по речиси цели две децении не е уморен од грижата за паркот.

-Ќе продолжам вака секогаш кога ќе има потреба за уредување и додека ме служи здравјето, ни рече Трајче Младенов.

Браво за професорот. Ама има ли кој да ги чуе и види неговите лекции?

 

Претходна вестПолицијата вчера казнила 376 возачи, најмногу за брзо возење
Следна вестАлбанскиот парламент ќе расправа за ниското ниво на Преспанско езеро, а македонскиот…