Промоција на книгата „Самоубиство во самоодбрана“ и изложба „Егоцентричен вакуум“ во Ко-Ра

Во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје денес во 20 часот ќе се одржи промоцијата на новата книга на Марјан Анѓеловски „Самоубиство во самоодбрана“, заедно со третото отворање на изложбата „Егоцентричен вакуум“ на Ристе Мицевски.

Станува збор за мултимедијален културен настан, кој преку хумор, сатира, уметност и театарски перформанс, ќе ни приреди малку поинаква вечер.

„Самоубиство во самоодбрана“ е драма за човекот, човештвото, љубовта и менталното здравје. Апсурдна приказна која преку сатира и црн хумор го разголува до гола кожа обичниот човек и сие негови слабости. Основната линија на дејствието се одвива на железничката станица каде што Веселин го чека возот под кој сака да се фрли. Тука, навидум случајно, се сретнува со самопрогласениот поет Горјан, и транс-жената Ева. Оваа линија е испреплетена со сеќавања од неговото минато од кои ја дознаваме причината за неговото доаѓање до оваа крајна станица. Картите се отвораат, маските паѓаат, вистината излегува на виделина…

Книгата е поддржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2021 година. Промотор на книгата ќе биде рецензентот Снежана Стојчевска, а со свој читачки и театарски перформанс настанот ќе го збогатат актерите Петра Ивановска, Јасмин Рамани и Огнен Велевски.

Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат и во третото отворање на изложбата „Егоцентричен вакуум“ на уметникот Ристе Мицевски.

Настанот ќе биде организиран согласно сите протоколи за заштита од Ковид-19.