Промоција на „Зошто јас?“, книга за борба со анксиозноста, во издание на „Арс Ламина“

Вечерва ќе биде промовирана книгата на младиот писател Мартин Јовановски насловена како „Зошто јас?“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Таа е првото авторско дело на Јовановски, пишувано исклучиво од сопственото искуство во борбата со анксиозноста, паничните напади и депресијата, а мотивирано единствено од желбата да го поштеди читателот од сопствениот пекол. Книгата, како што велат, ја истакнува важноста на менталното здравје и хигиена, а истовремено дава одговор на најважното и најчесто поставувано прашање: „Зошто јас?“.

-„Зошто јас?“ е прашање што секој од нас си го поставил во одреден момент од животот. Во потрагата по одговорите се насетуваат два избора: тешките искуства за некого ќе бидат нешто што само ќе го преживее, а за некој друг – нешто што ќе го врати во живот. Да се напише оваа книга е да се допре душата на секој од нас, но и личен терапевтски процес. Ставањето на хартија на нашите искуства и доживувања е навистина лековито искуство, се наведува во соопштението.

Инаку Мартин Јованоски е роден 1989 година во Скопје. Во 2013 година дипломирал на Економскиот факултет, а во 2017 магистрирал на тема „Улогата на електронското работење во банките: анализа на капацитети и реални предизвици“. По стекнувањето со лиценца за овластен сметководител, се вклучува во понатамошното унапредување на постојниот семеен бизнис од областа на финансиско-сметководствениот консалтинг.