Протест пред МНР: „Бујар да излезе и да каже што преговара“

Дојдовме на местото на злосторот, местото каде што седеше човекот кој го потпиша најпредавничкиот договор во историјата на Македонија, а денес заедно со неговиот пастир Зоран Заев, сакаат да го распродадат и тоа што остана, македонскиот јазик и историја. Ова за „Скопско Ехо“ го изјави еден граѓанин кој дојде на протестите кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ пред македонското МНР.

– Денес дојде ред човек кој 19 години има агенда за Албанците да одлучува за историјата на македонскиот народ. Ние тоа нема да го дозволиме. Еве сме овде, како граѓани сакаме и имаме право да знаеме за што се преговара. Нека излезе Бујар и нека се соочи со граѓаните од чии даноци зема плата, ни изјави тој.

Инаку, блокадите кои претходните три дена ВМРО-ДПМНЕ ги одржуваше во Скопје, и во десет други градови во Македонија, денес ги преселија пред Министерството за надворешни работи.

– На протест пред МНР, од 15 до 17 часот. Доста е од тајните преговори кои во Софија ги води другарот на Заев, Бучковски, за дополнителни анекси на штета на Македонија. Јавноста има право на отчетност на владините министри пред јавноста и Собранието за сите битни надворешно-политички прашања, напиша на Фејсбук пратеникот Антонио Милошоски.

Тој вчера во изјава за медиумите истакна дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи „како избран од Собранието на Република Македонија, законски има должност пред Собранието да се појави и на пратениците како народни избраници да им објасни за што тајно се преговара во Софија и кој го овластил Бучковски да преговара нови анекси на Договорот со Бугарија“.