Протест пред МНР: Преспа ја преспавме, Бугарија нема!

ВМРО-ДПМНЕ денес попладне одржа протест пред зградата на МНР со порака до Заев, Османи и Димитров јавно да кажат пшто преговараат со Бугарија. Опозицијата бара власта јавно да го покаже патоказот кој се преговара тајно со Софија, но и анексите на Договорот за пријателство.

Собраниската Комисија за надворешна политика, чиј претседател е Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ за в среда во 15 часот закажа седница на која се очекува да дојде и министерот Бујар Османи и да реферира што се случува во преговорите со Бугарија. Ако дојде на седницата, зашто Османи постави услов Милошоски да закаже седница на која идните амбасадори би ги претставиле своите тези.

– Овде не сум поради партија. Овде сум поради Македонија. И секој од нас вака треба да размислува, да дава поддршка за да падне оваа власт која нема граница кога станува збор за националните интереси. Преспа ја преспавме, но Бугарија нема! Нема да дозволиме уште едно понижување на Македонија и Македонците. Не знаеме за што се преговара, а знаеме што Бугарија бара од нас. Зарем на вакви барања и ултиматуми се потребни воопшто преговори – изјави еден граѓанин за „Скопско Ехо“.

ВМРО-ДПМНЕ попладнево ги продолжи протестите, според донесената одлука на Извршниот комитет на партијата во саботата во Битола, да протестираат денеска и утре од 17 до 19 часот. За разлика од минатата недела кога беа блокирани крстосници во центарот на Скопје, раководството, членови и симпатизери на партијата протестираат пред Министерството за надворешни работи.

-Од седницата в среда бараме конкретни информации од министерот Османи, да го сослушаме и да видиме што има да ни каже нам, како претставници на народот во тој парламент, околу тоа за што и како преговараат. Според Устав, Македонија е независна и суверена држава и секој што ќе се одлучи ова да го прекрши, односно ќе се обиде за дел од таа декларација на Бугарија, ќе значи дека го нарушува Уставот и за тоа еден ден секако ќе одговара, изјави на протестот пратеничката Дафина Стојановска.

Дали и по комисиската седница в среда ВМРО-ДПМНЕ ќе ги продолжи протестите, таа рече дека останува да одлучат откако седницата ќе се одржи и тогаш ќе го соопштат ставот.