Протестите не запираат, од утре и блокади низ цела држава против францускиот предлог

Блокади низ целата држава од утре со почетокот во 13 часот, беа најавени вечерва од протестот пред македонското Собрание со кој веќе шести ден се бара отфрлање на францускиот предлог за кревање на бугарското вето за македонските евроинтеграции. Обраќајќи им се на граѓаните поранешниот амбасадор Ивица Боцевски рече дека блокади ќе има на повеќе локации.

-Блокадите ќе почнат во 13 часот, ќе ја блокираме цела Македонија додека нашите храбри пратеници се борат во Собранието за нашите интереси за одбрана на македонскиот јазик, народ и држава, посочи Боцевски.

Во својот говор тој порача дека нема повлекување од барањата.

-Не лажеа и не гледаа во очи и велеа дека не преговарале а го знаат документот од точка до запирка. Нема повлекување, ќе продолжиме со нашите активности. Ова лето Господово 2022 ќе остане запаметено како лето Господово кога македонскиот народ повторно  си ја зема државата во свои раце. Овде гледаме колкава е и колку е моќна Македонија кога маршираме заедно во една колона. Наша последна црвена линија е Уставот и ве замолувам сите заедно да му порачаме на Христијан Мицкоски, на Диматар Апасиев, Љупчо Димовски и Иван Стоиљковиќ дека тие и нивните пратеници се  последниот бедем на македонскиот народ и на македонската држава. Ние тука сме вашата заштата и тврдина. Ние ќе поддржиме да опстоите да нема никава промена на Уставот за бугарските барања, нагласи Боцевски.

Организаторите на протестите „Ултиматум – Не, благодарам“ најавија дека блокади ќе има на 4 места од 13 до 14 часот : во Скопје пред Владата, на магистралниот пат Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. Во сабота во знак на почит кон сограѓаните – муслимани кои чествуваат празник нема да има протести.

На протестот, кој помина мирно и без инциденти, беа побарани и оставки од Владата која, како што рекоа учесниците, ја доставила срамната преговарачка рамка до Собранието.

Протестот почна пред Владата, по што учесниците се упатија пред Министерството за правда и зградата на Собранието, каде доцна попладне Владата ја испрати предлог преговарачката рамка, но седница не е закажана.

Претходна вестВладата ја проследи предлог-преговарачката рамка до Собранието
Следна вестОбвинителството: Осомничениот пукал откако „забележал како дел од граѓаните фрлаат камења“ на платото пред плоштадот „Скендербег“