Темно Режим Светло Режим

Против Македонија се водат седум арбитражни постапки во износ од 1,36 милијарди евра

Вкупно седум арбитражни постапки се во тек против Македонија Арбитражниот суд во Париз, а чиишто тужбените барања вкупно достигнуваат сума од 1,36 милијарди евра, а со камати може да стасаат и до 1,5 милијарди евра. Овој податок денес на брифинг со новинарите го изнесе вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој објасни дека овие седум предмети се поднесени пред меѓународниот суд во периодот 2017-2022 година, но споровите се од претходно.

Од овие предмети 3 се завршени, за еден постапката е во завршна фаза, а за три постапката допрва почнува. Од формирањето на Националното координативно тело во 2017 година до сега, по основа на арбитражни постапки, не се исплатени буџетски средства.

Битиќи детлано информира во која фаза се арбитражните постапки:

1.„Кунико ресорсис“ од Холандија против Република Северна Македонија од 21.12.2017 за стечајната постапка во „Фени индустрис“. Арбитражниот суд донел одлука за запирање на постапката затоа што тужителот не успеал да поднесе соодветни докази. Тужителот од страна на Арбитражниот суд е обврзан да исплати износ од 3 милиони американски долари кон државата.

2.„Бинани“ (Индија) во врска со рудникот за олово и цинк „Злетово“ (незаконито спроведување стечајна постапка во „Тораница“). Прва постапка: 03.08. 2017 година во вредност од 250 милиони евра. Во 2020 година тужителот „Бинани“ ја повлекол тужбата, а Арбитражниот суд наложил да ги надомести на државата адвокатските трошоци во износ од 653 илјади евра. Постапката за извршување е во тек (половина од износот или околу 300 илјади евра се наплатени).

Тужителот („Бинани“) на 13.02 2020 година покренува втора постапка (според правилата на арбитражата тоа е дозволено) за истиот спор.

3.„Ел.Пет Балканики“ (Грција) за случајот „Окта“, покрената постапка: 05.12.2018 година при што вредноста на побарувањето е 42.600.000 евра (од кои 31.500.000 американски долари се основица, а другото камати). Арбитражниот суд признал одреден износ (21.167.000 долари, или 51 отсто од вредноста на побарувањето), што било пресудено во почетокот на оваа година.

По ова е поднесена нова тужба, трета по ред, откако во 2007 година „Ел.ПЕТ Балканики“ го добила спортот за 40 милиони евра (целосно усвоено побарувањето), при што потоа во спогодбена постапка биле исплатени 30 милиони евра. Третата тужба се однесува на периодот 2012-2019 година, но тужителот немал доволно докази за да може да покрене постапка, односно ја губи можноста за уште 50 милиони евра побарување за последниот период.

Инаку, за донесената пресуда во износ од 21,16 милиони долари се прави финансиска спогодба, така што на крајот е можно овој износ да биде дополнително намален.

4.Блажо Тасев (Словенија) против Република Македонија во врска со неоснована експропријација на рудникот „Саса“. Вредност на побарувањето: 492.000.000 евра. Постапката е во завршна фаза, одржано е последното усно рочиште, одлуката се очекува оваа есен.

5.Артем Скубенко и други против Република Македонија во врска со рудникот „Казандол“. Постапка од 25.04.2019 година, а вредноста на побарувањето: 77.820.000 евра.

Одржано е усно рочиште во октомври, по што ќе следи одлука. Од Владата веруваат дека одлуката донесена на референдум против изградбата на овој рудник е силен аргумент во полза на државата.

6.„Гама Гуч“ Турција за „Те-То“, од 14.12.2021 со вредност на побарувањето: 5 милиони евра. Постапката е во писмена фаза кога се поднесуваа докази, а потоа следи усно рочиште. Ова е класичен пример кога спор меѓу приватни компании прераснува во постапка против државата врз основа на договор за заштита на инвестициите кој што го имаат потпишано Македонија и Турција.

7.„Инсо системи“ (Италија) за клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“, вредност на побарувањето: 18.943.920 американски долари. Постапката е во иницијална фаза.

Во овој список не влегуваат други потенцијални арбитражни постапки, како на пример онаа за „Иловица- Штука“ во Струмичко кои деновиве се многу актуелни во јавноста откако концесијата за нив беше споена и граѓаните стравуваат дека овој контроверзен проект ќе се реализира, а за кој се стравува дека може да надмине една милијарда евра.

-Владата прави сѐ да го заштити интересот на државата и да не се плати ниту евро или денар повеќе од што е потребно по основа на арбитражните спорови, рече Битиќи.

Претходниот Пост

Новинари од Грција, Британија и Германија: Грчката крајбрежна стража е одговорна за бродоломот со 500 жртви

Следниот Пост

Демократскиот сојуз бара оставка од Османи