Строгите протоколи биле гаранција за пописот, а досегашните протоколи што гарантираа?

Строгите протоколи за заштита од корона вирусот биле гаранција дека нема потреба за одлагање на пописот на населението. Ваков одговор денеска даде владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарското прашање дали Владата размислува за законски промени со кои ќе се пролонгира пребројувањето на населението.

– Гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол, кој што се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови. Граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени. Апсолутно ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести, како и за многу други случаи во однос на безбедносни ризици, рече Арсовски.

Од ова произлегува дека Владата не се откажува од спроведувањето на пописот и покрај стравувањата кои ги искажуваат граѓаните дека е можно пандемијата така да се прошири. Секојдневните податоци со преку илјада новозаболени лица се силен аргумент за тоа.

-И до сега имаше многу строги протоколи, па пандемијата си расте. На хартија ние имаме се, на терен царува вирусот, ни прокоментира граѓанин.

Но, Владата е упорна во својата намера и се повикува на протоколи за заштита. А јавноста во изминативе месеци, откако почна справувањето со пандемијата, е сведок какви се протоколи за заштита се донесени. Има протоколи за затворени простории, продавници, ресторани, училишта, театри, јавни места… кои, нели, се строги и кои треба да се почитуваат, исто како најавените за пописот. 

И што е резултат на примената на досегашните строги протоколи? Резултат е натамошно ширење на вирусот, се поголем број на новозаболени, на починати лица, најави за нови рестриктивни мерки…

Претходна вестУште 63 нови пациенти со ковид во скопските болници за 24 часа
Следна вестПо една година затвор за тројца насилници од протестите за „Монструм“