Прв скратен викенд полициски час, но и задолжително под маски, шалови или марами

Денеска од изутрина до 15 часот граѓаните можат да си ги привршат обврските, оти потоа стартува полицискиот час што ќе трае до понеделник во 5.00. После два долги викенди со забрана за движење од петок до понеделник, а минатиот и до вторник, на олабавувањето на мерката скопјани особено се израдуваа.

-Ако сме дисциплинирани, внимаваме и стоиме на далечина, ако носиме маски како што е сега задолжително, мислам дека колку и да има олабавување на рестрикциите нема да има проблеми, коментира Маја.К, за „Скопско Ехо“ од населбата Аеродром.

Но има и такви кои не се убедени дека олабавувањето на мерките е добра солуција. Сметаат дека дури и казните за оние кои нема да носат маски нема да се доволна мотивација за дисциплина.

-Бадијала се казни, има луѓе што со ништо не можеш да ги натераш. А сега пак, кога се и рамазанските пости, мислам дека мерките за задолжително носење маски, со можност за движење нема баш да се почитуваат, вели Марко. А., исто така од Аеродром.

Од вчера сите граѓани во цела држава задолжително мора да носат маски, шал или марама за да ја покријат устата и носот. Денеска лицата над 67 годишна возраст ќе можат да се движат од 05 часот наутро до 11 часот претпладне, а младите до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.