Прва изложба на студентите од факултетот за мебел и ентериер

Дел од младите средношколци кои претендираат да работат во гранките на столарството, изработката на мебел и дизајнирање на ентериер, многу малку знаат за Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер. За прв пат, преку изложба, во понеделник, во Музејот на град Скопје, ќе можат да се запознаат со работата и гранките што ги нуди Факултетот, инаку наследник на отсекот за мебел и дизајн што до 2010 година беше составен дел на Шумарскиот факултет.
Поставките на изложбата се изработени како студентски проекти и макети по предметите: Стилови и декорација, Ликовно изразување со пластично обликување, Перспектива, Композиција, осветлување и бои, Проектирање-основи и реализација, Индустриски дизајн- современи движења и Резбарство.
На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 200 цртежи и макети. Свеченото отворање на изложбата ќе биде на 28 Мај со почеток во 19 часот. На отворањето, на гостите ќе им се обратат Деканот на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Проф. Д-р Зоран Трпоски и Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски. Изложбата ќе трае до 2 јуни.