Прва Скопска ТВ: Десет работи што ја здрмаа Македонија во 2025 година

39

Катастрофалниот пожар во Кочани

Еден од најтешките инциденти во модерната историја на Македонија се случи на 16 март кога во пожар во дискотеката „Пулс”, загинаа 63 млади луѓе, а беа повредени над 200. Трагедијата се уште ја тресе земјата. Истрагата покажа дека објектот работел без соодветни дозволи и без стандарди за безбедност. Беа откриени сериозни институционални пропусти и коруптивни елементи при издавање на дозволата за работа. За трагедијата се обвинети 34 физички и 3 правни лица. Судењето започна на почетокот на декември.

Локалните избори и политичката напнатост

Во октовмри се одржаа редовните локалните избори во 80 општини во Македонија, при што владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу градоначалнички места, вклучително и во Градот Скопје. Локалните избори покажаа дека кај граѓаните постои општо незадоволство и апатија, па така излезноста беше едвај 40%. Инаку, политичката клима во целата 2025 беше поларизирана, со остри напади меѓу владејачките и опозициските партии. Двете најголеми партии секојдневно се препукуваа објавувајќи наводи за корупција и криминал.

Неконтролирани пожари и прогласување на кризна состојба

Летото и есента беа обележани со многубројни шумски, но и пожари во населените места. Буквално гореше во цела Македонија. Опозицијата обвинуваше дека власта не е способна да се справи со пожарите, а власта дека голем дел од огновите се намерно подметнати. Беше прогласена и 30-дневна кризна состојба, со цел подобро управување со пожарите. Огнот уништи големи површини шуми, пасишта и предизвикаа опасност за населени места. Беа приведени и неколку пиромани.

Малата доверба во судството и платите на судиите

Рејтингот на судските и обвинителските институции и годинава не престана да се намалива. Граѓаните искажуваа недоверба во правосудните органи. Судството влезе во конфликт со владата, а и бараше за себе поголеми плати. На тоа одговараше премиерот Христијан Мицкоски алармирајќи дека во однос на државите од ЕУ, Македонија одвојува најголем процент од БДП за судството и дека судиите не заслужуваат поголеми плати. На средината на декември оставка си даде државноиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Македонија под притисок на Софија и Брисел за уставни измени

Во текот на 2025 година, продолжи силниот дипломатски притисок од Бугарија и институциите на ЕУ за спроведување уставни измени како услов за отпочнување на преговорите за евроинтеграција. И покрај бројните политички средби и посредувања од Брисел, македонската влада успеа да го одбие притисокот и да стави јасно на знаење дека за вклучување на Бугарите во Уставот потребни се гаранции од Брисел дека ќе нема нови вета, но и дека Софија треба да си ја заврши домашната задача со спроведување на пресуди од Судот за човекови права поврзани со македонското малцинство во Бугарија.

Стабилизирање на инфлацијата, но силен економски притисок врз граѓаните

Иако инфлацијата во 2025 година се стабилизираше, трошоците за живот останаа високи, особено за основните намирници и домувањето. Повеќето семејства почувствуваа дека платите не се усогласени со растот на цените, што го зголеми финансискиот притисок врз домаќинствата. Сепак, неколку мерки за субвенции од Владата и финансиска поддршка од локалните општини делумно ги ублажија последиците, но не доволно за да се почувствува значителна промена кај граѓаните.

Продолжи иселувањето на младите

И во 2025 година Македонија се празнеше. Недостигот од сигурност и перспектива, немањето правда и правдина, ја задржа Македонија меѓу земјите со најголем одлив на млади во регионот. Младите продолжуваат да бараат образование, работа и можности за развој во странство, додека дома остануваат малку шанси за напредок. Овој тренд влијаеше и врз демографската слика на земјата, создавајќи празнини во работната сила и потенцијал за забавување на економскиот и социјалниот развој.

Еколошки проблеми, многу загаден воздух

Загадувањето на воздухот, како и уништувањето на зелените површини, пак се најдоа меѓу најголемите јавни теми во 2025 година. Градските центри, особено Скопје, Тетово, Битола и Куманово, се соочуваа со зголемена концентрација на штетни честички, а се бележеше и интензивно сечење на дрвјата и редуцирање на јавните зелените површини. Граѓаните и еколошките организации организираа протести и иницијативи за зачувување на природата и подобрување на квалитетот на животната средина. Случувањата повторно ја актуелизираа потребата од ефикасна државна политика за екологија и урбан развој.

Бројни меѓународни успеси на младите талентирани ученици

Низ целата година најмногу не радуваа нашите млади талентирани ученици. Тие учествуваа на разни балкански, европски и светски олимпијади по физика, математика, биологија и други научни области. Често на нивните гради имаше златни, сребрени и бронзени медали со што докажуваа дека Македонија е полна со таленти кои рамноправно се носат со своите врсници од останатите држави.

Фудбалската репрезентација по втор пат во бараж за Светско првенство

Во 2025 година, македонската фудбалска репрезентација испиша уште една значајна страница во својата историја, пласирајќи се по втор пат во бараж за пласман на Светско првенство. Овој резултат ја врати надежта и оптимизмот кај навивачите, потврдувајќи дека Македонија може да биде рамноправен противник и на посилните европски селекции. Иако баражот останува голем предизвик, настапите беа оценети како спортски успех.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестЕкспертите предупредуваат: Последниот чекор по новогодишната прослава е најважен
Следна вестПремиерот Мицкоски од центарот на Скопје упати новогодишна порака за здравје и заедништво