Треба ли во Македонија да се врати задолжителниот воен рок? Оваа дилема повторно се наметнува во јавностa особено откако неодамна беше соопштено сека Србија веќе врши подготовки за задолжителната воена служба таму да трае 75 дена, а слично постапува и Хрватска каде од 1 јануари се очекуваат првите војници во касарните откако се воведе задолжителен воен рок кој трае 2 месеци.
Прашањето се наметна и пред една година кога тогашната македонска министерка за одбрана истакна дека нема потреба од редовен воен рок. Но, сега не е мал бројот на граѓани кои на социјалните мрежи поддржуваат враќање на задолжителниот воен рок од кои некои укажуваат дека тој треба да трае од три до шест месеци.
Покрај поголемата безбедност за државата со одење во војска младината ќе се научи малку повеќе на ред и дисциплина, е еден од изнесените аргумент за прифаќање на задолжителниот воен рок. Од друга страна има и граѓани кои велат дека е доволно што Македонија има професионална војска.
Дали ќе се развие ваква дебата и кај македонските политичари останува да се види.



