Прво големо дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер сезонава

Денеска (18 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе се игра првото големо дерби во македонскиот ракомет меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер и тоа во рамки на петтото коло од плејофот во Суперлигата.

По четири кола во плеј-офот и двете екипи имаат перфектен скор – „четири од четири“, па победата на оваа средба ќе значи голем чекор кон посакуваната цел – трофејот. За очекување е токму директните пресметки да одлучуваат за титулата, како во првенството така и во Купот, како што беше случај минатата сезона.

Вардар минатата сезона успеа да ги освои двата трофеи, а сезонава одиграа еден натпревар, во Суперкупот кој му припадна на Е. Пелистер со 23:22.

Вардарци поради казната од ЕХФ, не настапуваат во Лигата на шампионите, додека Е. Пелистер веќе го заврши настапот во Лигата на Европа. Лошите игри и освоеното петто место како и петте меча без победа на домашен терен, беа причина за управата да се раздели со тренерот Ларс Валтер и на негово место да го назначи двоецот Александар Јовиќ и Звонко Шундовски.

На другата страна пак Вардар ги задржа домашните играчи, кои беа клучни за освојување на двојната круна и специјалисти за вакви дерби мечеви, кои странците не секогаш знаат како се добиваат.

ТАБЕЛА: Вардар 15, Пелистер 15, Алкалоид 9, Тиквеш 7, Бутел 4, Пелистер 2 4, Охрид 3, Пролет 2.

Претходна вестБитолчанка претепана од поранешното момче
Следна вестБурно ракометно дерби: Вардар убедлив против Еурофарм Пелистер, војна на трибините – летеа факели, шишиња, петарди…