Првпат учествував на меѓународен натпревар по природни науки и се вратив со медал

Џабе е голем труд ако се нема малку талент и обратно, џабе е талент ако не се надградува, наведува петнаесетгодишниот Даниел во неодамнешно интервју за бесплатниот неделник „Македонско Ехо“…

 Му беше првпат да учествува на еден голем меѓународен натпревар на кој успеа да освои бронзен медал. Петнаесетгодишниот Даниел Христов беше дел од македонскиот тим кој освои уште три бронзи на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (ИЈСО 2022), која се одржа во Богота од 2 до 12 декември, а што е голем успех со оглед на конкуренцијата. Даниел е ученик во прва година во штипската гимназија „Славчо Стојменски“, природно-математички смер. Инаку, љубовта и склониста кон природните науки ја почуствувал уште во основното училиште.

-Љубовта кон природните науки ми ја вродија наставничките по физика, хемија и биологија во основно училиште, а додека пак професорите на ПМФ ми ја зголемија таа љубов кон предметите. Мене овие предмети ми се привлечни затоа што се интересни поради тоа што ја изучувам природата и сите појави во неа. На државно ниво имам повеќе награди, но ова ми е прв пат што учествувам на меѓународен натпревар и да се вратам со медал од истиот, ни вели Даниел.

Наведува дека зад освоениот медал стојат голем труд и учење. Посебно е благодарен на професорите од ПМФ кои несебично го споделиле своето знаење и со тоа го прошириле неговото. Инаку, на Олимпијадата тестот им се состоел од три дела, односно од тест со заокружување, теоретски тест и екпериментален дел.

-Не знаев се до прогласувањето на медалите во кој дел сум бил најдобар, но после тоа професорите ми кажаа дека сум бил најдобар во експерименталниот дел. Самото тоа што дел од македонските ученици земаа медали покажува дека Македонија не е за потценување, поради тоа што имаше земји коишто се вратија само со по еден медал, ни вели овој талент.

Според него, и талентот и трудот на ученикот имаат еднаква важност, поради тоа што за успех се потребни и двете.

-Џабе е голем труд ако се нема малку талент и обратно, џабе е талент ако не се надградува, наведува овој средношколец.

Се уште не е сигурен дали природните науки ќе му бидат иден професионален избор, дали ќе студира некоја од нив.

-За тоа што ќе продолжам да студирам се уште не сум сигурен и затоа не можам да кажам со сигурност, а и сметам дека имам уште време за да се одлучам што ќе студирам, вели тој.

Студирање во странство

И Даниел е меѓу оние наши таленти кои веќе сега размислуваат за студирање надвор од земјава. Каде, се уште не знае оти е рано, но тоа е избор за кој веќе сега се подготвува.

-Во иднина се гледам во странство, но каде точно, се уште не знам, ни рече кусо тој.

 

Претходна вестНа изборите во Бугарија блага предност на коалицијата ГЕРБ-СДС на Борисов
Следна вестСилувано 12-годишно девојче, 21-годишна девојка го соблекла и им помогнала на двајца малолетници да ја силуваат