Пукање и убиство во Бутел: Едно лице е убиено, а едно тешко повредено

Пукање и убиство како на филм – синоќа, за време на празничната ноќ без полициски час, на околу 2 часа пред полноќ во скопски Бутел 2. Убиено е едно лице, а едно е тешко повредено, откако на паркинг кај раскрсницата меѓу булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош” од едно возило било пукано кон друго, марка „голф“. Ова е според официјалната пријава што стигнала до МВР синоќа. Тешко повредениот бил итно пренесен на скопските клиники „Мајка Тереза“.

-Во СВР Скопје околу 22.00 часот е пријавено дека на паркинг кај раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош” од едно патничко возило биле испукани проектили кон патничко возило „голф“, во кое имало две лица, по што биле пренесени во Комплекс клиники “Мајка Тереза” за укажување на лекарска помош. Едното лице им подлегнало на повредите. Увидна екипа е на терен и се работи на расчистување на случајот, изјавија од МВР доцна синоќа.

Повеќе медиуми објавија дека е убиен скопјанецот Камер И. (42), а со него бил и неговиот внук кој би изрешетан со 6 куршуми. Некои медиуми објавија дека тој им подлегнал на повредите во болница, но официјална потврда нема. Мотивите за убиството на Идризи, кој во Бутел е познат како Камбер, и тоа на големиот верски празник Рамазан Бајрам за сега не се познати.

Скопјани кои живеат во близина на Клинички центар, до доцна синоќа пишуваа дека амбулантни и полициски возила буквално „летаат“ кон болниците. Дел од нив пишуваат и дека „луѓе во цивилна облека, блиски на убиениот, се собрале пред клиника инсистирајќи лекарите да го реанимираат, по што интервенирале полицајци од ЕБР“.

Увидот на местото на пукањето и убиството траело до изутрината.

Претходна вестПедесет и седум мигранти откриени на границата со Грција
Следна вестСтартува Грчки филмски фестивал, ќе трае до 18 мај