Путин: Ќе одговориме на влезот на Шведска и Финска во НАТО

Н:

Доколку НАТО ја воспостави својата инфраструктура во Финска и Шведска, откако тие две земји ќе влезат во Северноатлантската алијанса предводена од САД, Русија ќе одговори со иста мерка, изјави претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

Тој рече дека не може да се исклучат идните тензии во односите на Москва со официјален Хелсинки и Стокхолм поради влезот во НАТО.

-Мораме само јасно да кажеме дека претходно немаше закани, но во случај на распоредување на воениот контингент и инфраструктура, ќе мораме реципрочно да одговориме и да ги создадеме истите закани за териториите од кои ни се закануваат, кажа рускиот претседател при посетата на Туркменистан.

Тој додаде дека руските односи со Шведска и Финска неизбежно ќе се влошат откако тие ќе пристапат во НАТО.

-Сè беше добро помеѓу нас, но сега би можело да има тензии. Секако дека ќе има. Тоа е неизбежно ако има закани по нас, кажа Путин.

Финска и Шведска решија да се откажат од својата долгогодишна политика на воена неутралност по руската инвазија на Украина и во мај аплицираа за членство во НАТО. Тие вчера и формално добија покана за членство.

Претходна вестБез струја повеќе делови на Скопје
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и ДУИ удрија по народот, поскапа струја за да го покријат криминалот