Работнички дојде со осум играчи и го совлада Пелистер во Битола

Работнички стигна до џиновска победа во битката за што подобар пласман во пресрет на плејофот откако избраниците на Горан Самарџиев вечерва како гости го совладаа вицешампионот Пелистер со 83-90. „Центарци“ влегоа во дербито во Битола со ист скор како и „пелистерци“, па со вечерашниот триумф осигураа подобар пласман на табелата ако двата тима ја завршат сезоната со ист број на победи и порази. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека „црвено-белите“ допатуваа со само осум кошаркари, но и со крајно лимитиран ростер успеаја да стигнат до посакуваниот резултат.

Мишковиќ и Антоан беа клучни фигури во таборот на Пелистер во првата четвртина, во која „зелено-белите“ имаа 25-16, за овој период да заврши со 25-19 со тројката на репрезентативецот Ѓуроски. Шутерското шоу на гостите од Скопје продолжи, па Работнички во раната фаза од вториот период поведе со 29-32, принудувајќи го Трајковиќ на тајмаут. Мишковиќ беше незапирлив во нападот на Пелистер постигнувајќи 19 поени во првите 15 минути од мечот, но „центарци“ во продолжението најдоа начин да го запрат најдобриот домашен кошаркар.

На одмор се замина со минимално водство на Работнички од 41-42, а гостите клучната предност ја направија во последната четвртина, кога Пелистер немаше одговор во одбраната за играта на „центарци“, па Работнички набрзина поведе со 52-66. Гамбрел за момент влезе во ритам во нападот на домаќините, но американскиот плејмејкер не можеше сам да ги врати битолчани во мечот, па гостите од Скопје заслужено го добија овој натпревар со конечни 83-90, откако Пелистер ја намали убедливата негатива во последните петнаесетина секунди со двете тројки што ги постигна Александар Костоски.

Рош доминираше во рекетот за Работнички со 18 поени и 12 скокови, користејќи го неиграњето на домашниот центар Галовеј, Ѓуроски реализираше 16 поени и 7 асистенции против поранешниот клуб, додека Дамјан Робев го заврши мечот со 15 поени. Кај Пелистер најефикасни беа Мишковиќ со 28 и Гамбрел со 22 поени.

Претходна вестЕден загинат во сообраќајна несреќа на патот Битола – Ресен
Следна вестНереди во Букурешт откако прорускиот десничар Георгеску доби забрана за учество на претседателските избори