Ракетирана база во Лавов, Зеленски со порака до руските сили

И денеска продолжуваат воените дејствија во Украина. Има ракетен напад и во западниот украински град Лавов. Руските сили ја ракетирале воената база во близина на тој град.

Портпаролот на украинската армија Антон Миронович изјави дека засега нема информации дека некој е убиен во нападот на воениот центар западно од Лавов, пренесува Интерфакс Украина.

Од друга страна, за „Гардијан“ од службите за итни случаи било соопштено дека загинале 20 луѓе.

Две големи експлозии можеа да се забележат во база на околу 12 километри од полската граница.  Деветнаесет амбулантни возила со сирени беа забележани како брзаат од правец на базата, рекол сведокот, пренесува „Ројтерс“.

Ударот е блиску до Полска и е можно предупредување до НАТО, кој често ја користи базата како место за обука. Лавов и неговата околина досега не биле цел на руски удари, а во градот се засолниле и бегалците и западните дипломати кои останале во Украина.

Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди руските сили дека ќе се соочат со борба до смрт доколку се обидат да го заземат главниот град Киев. Сирените за воздушен напад повторно ги разбудија жителите во неделата наутро.

САД се подготвени да преземат дипломатски чекори, кои би биле корисни за украинската Влада, изјави портпаролот на Стејт департментот.