Ракометарите на Вардар, по домашната победа над Сесвете, во второто коло од Европската ракометна лига нагости го совладаа француски Тулуз со 28-26.
Во првиот дел, Вардар делуваше надмоќно, но во вториот дел како целиот тим да застана, го врати Тулуз во игра и за малку црвено-црните не направија од готово – вересија. Македонскиот тим отвори одлично, со добра одбрана и ефикасен напад се одлепи на 6-1 и константно имаше водство. Чупиќ го затвори противникот со препознатливата одбрана, главните играчи на Тулуз немаа простор да експериментираат, а Вардар цело време водеше.
Водството на Вардар во еден момент беше и седум гола, за на полувреме да се замине со 18-11.
На стартот на вториот дел, Вардар поведе и со девет гола разлика и застана. Тулуз прво од „минус девет“ намали на два гола разлика. До крајот следуваше драма, а клучните моменти кои ја донесоа победата беа реализираниот пенал за 26-24 и интервенција на голманот Гогов, по што Вардар дојде повторно до водство од 4 гола разлика, со што победата беше извесна.
Најдобар стрелец кај Вардар беше Јака Малус со шест гола, а Дмитри Хориха погоди четири пати. Кај Тулуз, Немања Илиќ даде седум, а Перез Фојхтман имаше пет гола, исто колку и Габриел Ниембо.
Следниот натпревар Вардар го игра на 11 ноември на гости кај Кристијанштад, кој денеска ремизираше со хрватски Сасвете.



