Ракометно дерби со безбедоносни пропусти, ќе се извлечат ли поуки пред реваншот?

Вкупно 18 приведени навивачи е епилогот на инцидентите во салата „Јане Сандански“ за време на синоќешниот ракометен дерби натпревар меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер. Со нив сега ќе се справуваат судските органи кои ќе треба да утврдат кој од нив „претерал“ во бодрење на својот клуб.

Знаеме, од објавените снимки, за време на натпреварот имаше фрлање со факели, шишиња, агресивно однесување… За среќа, синоќа беше избегнат поголем инцидент во кој би имало и повредени. А до него лесно можеше да дојде.

Иако се очекуваше ваква тензија и испади на навивачите, иако постоеја проценки и предупредувања дека може да се случат секакви инциденти, се чини дека организаторите и полицијата можеа многу повеќе да направат кога се работи за одржувањето на редот на натпреварот. Добро беше тоа што навивачите од Битола „Чкембари“ беа изолирани на посебната трибина и што во салата влегоа малку подоцна. Но, од каде толку факели, толку шишиња и други тврди предмети коишто веднаш почнаа да ги фрлаат како другите делови од трибината? 

Навивачите на Вардар влегоа на теренот и се обидоа да возвратат на агресивното однесување. Со влегувањето на навивачите на терен пак се случи безбедоносен пропуст којшто не смееше да се дозволи. Се случи и прекин на мечот, а што е неприфатливо за едно дерби. 

Поуките треба да се извлечат. Особено организаторите и полицијата треба да го простудираат целиот развој на настаните. Наскоро ќе се игра реванш во Битола и опасноста и таму да има инциденти е голема.

Добро беше што управите на двата клуба пред мечот се обратија кон навивачите со апел за мирно и достоинствено навивање. Но, очигледно, со навивачите треба уште повеќе да се разговара, а и други превентивни мерки да се преземат, за да ваквите слики и опасности не се повторат. Полицијата уште подобро треба да се организира.

Но има и еден охрабрувачки гест. Медиумите пренесоа дека „Комитите“ обезбедиле храна и превоз за приведените „Чкембари“. Слично нешто имаше и лани. Тој фер-плеј треба да се стимулира.

Значи атмосферата на реваншот во Битола може да биде и вистински навивачка, со натпревар кој има подобра кореографија, песни…, а не да е поле за инциденти. Оти тоа не е добро за спортот, а и за самите навивачи – некој може да биде повреден.

Претходна вестИ пензионерите на протест, имало нетранспарентно трошење пари, манипулации на изборите…
Следна вестЛекарите предупредуваат: Летното сметање на времето може да биде штетно за здравјето