Ракувањето на македонскиот народ со историјата

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Деновиве низ етерот прозвуче една „мудрост“ на овдешен мал политичар дека  – има мали народи и мали држави!? Која е мерката единица за големина на еден народ или на една држава? Дали е тоа територијата, нејзината површина, дали е бројноста на населението, дали е природното богатство или пак тоа е освоеното, крвавото богатство! Дали големината е само во материјалната и во физичката претстава, а што е со духовната, културната вредност или пак со сонцељубивите изрази на еден народ или на држава?!

Еве да го земам за пример мојот народ, македонскиот, кој не е многуброен, но е неизбројан! Го има во Татковината, но и преку седумте мориња и високите, непреодни планини! Од ден на ден тој се развива, а сепак е простодушно верен на исконската опстојба и вознес кон историската вертикала од библиски приказни, древност и антика, средновековие и нововековие, па сè до совремието.

Дали е мал македонскиот народ, кој своевремено, без да се плаши, се вклучи  во антифашистичката војна, против тогашнитеголеми политички и воени сили – Германија, Бугарија, Италија.  Правилно оценувајќи дека тоа е токму оној момент кога може да го оствари својот стремеж за посебна држава и меѓународно признавање на неговата посебност и јазик. Македонците се единствените од просторот на Кралството Југославија кои без ничија помош успеаа да се изборат за слободата и независноста! Овде ниту српски, ниту југословенски, ниту руски, ниту американски војници не дојдоа на помош. Ова го знаеа и сојузниците (Големите, како што милуваат некои), затоа на конференцијата во Јалта (февруари 1945 г.) тие се согласија во рамките на идната Југославија македонскиот народ да формира своја држава, што пак беше прогласена на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 г.!

Ракувањето на македонскиот народ со историјата, честопати не е срдечно и како што вели поетот, исполнето е со крв, коски, отров и мајчино млеко, со пожари на попалените села и градови, со бури Самоилови, Карпушови, Илинденски, Партизански, АСНОМ-ски, Слободарски, Референдумски, со негирања, попречувања и конфликти, неспокој и очај, но и со насмевка и стоицизам во смртниот час. Македонскиот народ создава „Песни за татковината“ – МАКЕДОНИЈА, пишува легенди и наративи за своите луѓе!

Ова е минатото, но и сегашноста и иднината на македонскиот народ и на неговата држава! Ова и само ова! А, не како што некои недобронамерни и пакосни ликови го прекрстуваат него, му измислуваат многу имиња, различни од неговата суштина, именувајќи го секако, па дури и северен, но никогаш, ама баш никогаш, не го именуваат со неговото вистинско име, за да го обезличат, па дури и уништат.

Нема мали народи и мали држави, има луѓе – големи и мали, има чесни и нечесни, со љубов и без љубов, со знаење и со незнаење, има себични и несебични, има предводници и шутраци, има способни и неспособни политичари!