Темно Режим Светло Режим

Рано станување не е за сите: Што вели науката за продуктивноста?

Рано станување не е за сите: Што вели науката за продуктивноста? Рано станување не е за сите: Што вели науката за продуктивноста?

Станувањето во пет часот наутро на социјалните мрежи често се претставува како тајната формула за успех. Ранобудниците објавуваат фотографии и пораки дека денот веќе го освоиле, додека експертите за продуктивност неретко тврдат дека токму раното будење ја прави разликата меѓу успешните и просечните луѓе. Како примери најчесто се наведуваат извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, претприемачот Ричард Бренсон и актерката Џенифер Анистон, кои се познати по раниот почеток на денот.

Пораката што се повторува е едноставна – станете порано и ќе бидете поуспешни. Но научните истражувања покажуваат дека реалноста е многу покомплексна. За многумина будењето во пет часот не е прашање на дисциплина, туку на биологија.

Клучниот фактор е хронотипот – индивидуалниот биолошки ритам што одредува кога природно се чувствуваме будни или поспани. Истражувањата покажуваат дека хронотипот делумно е генетски условен и се менува со возраста. Адолесцентите најчесто легнуваат подоцна, додека со стареењето ритамот постепено се поместува кон порано будење.

Повеќето луѓе не се ниту изразени утрински типови ниту типични „ноќни бувови“, туку се наоѓаат некаде помеѓу. Утринските типови лесно стануваат рано и тогаш се најпродуктивни, додека вечерните типови достигнуваат највисоко ниво на енергија подоцна во текот на денот и подобро функционираат навечер.

Истражувањата покажуваат дека утринските типови почесто постигнуваат подобри академски резултати, поретко пријавуваат употреба на психоактивни супстанции и почесто редовно вежбаат. Вечерните типови, пак, во просек почесто се соочуваат со стрес, замор и чувство на прегорување.

Една од причините е таканаречениот „социјален џет-лег“ – несогласување меѓу внатрешниот биолошки часовник и општествените обврски. Современото општество функционира според рано започнување на работниот и училишниот ден, што не одговара на сите луѓе.

Кога природниот ритам се совпаѓа со дневниот распоред, полесно се одржува висока продуктивност. Кога не се совпаѓа, се појавува хроничен недостиг од сон и зголемен ризик од здравствени проблеми како дијабетес, висок крвен притисок и дебелина, објаснува проф. Кристоф Рандлер од Универзитетот во Тибинген.

Затоа раното будење само по себе не гарантира успех. Најдобри резултати се постигнуваат кога обврските се усогласени со индивидуалниот биолошки ритам.

Иако хронотипот тешко се менува, мали навики можат да помогнат – постепено порано легнување, изложување на дневна светлина наутро и ограничување на екраните навечер. Почетниот наплив на енергија при нова рутина често е резултат на мотивација, а не на трајна промена на внатрешниот часовник.

Стручњаците советуваат водење дневник на спиење и следење на нивото на енергија во текот на денот, бидејќи токму слободните денови без обврски најдобро го откриваат природниот ритам на организмот.

Претходниот Пост
Неверојатна приказна: 29-годишен Македонец крадел само за да оди зад решетки, за да се одвикне од алкохол

Неверојатна приказна: 29-годишен Македонец крадел само за да оди зад решетки, за да се одвикне од алкохол

Следниот Пост
Поради влошената безбедносна состојба, МНР ги повикува граѓаните да заминат од Мексико

Се зголемува бројот на македонските граѓани затекнати на Блискиот Исток, МНР објави телефонски броеви каде да побараат помош