Градежни активности со кои населбата Расадник ќе добие паркинг простор за 130 возила започнаа денеска во скопската општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во почетните работи кои на површина од 1.000 квадратни метри ќе траат десетина дена.
– Свесни сме дека секогаш постои недостиг од простор за паркирање, па интензивно работиме на изнаоѓање на нови локации кои треба да го подобрат сообраќајот во мирување. Илустративно, за населбата Расадник, ова значи околу 400 нови паркинг места за овие две години или, на ниво на целата општина, обезбедивме нови 1.200 места на кои граѓаните можат да паркираат. Како раководство на Кисела Вода, сакам да информирам дека ова е стратешка насока која и понатаму ќе ја следиме бидејќи и сообраќајот во мирување е важен фактор за намалување на метежот по улиците и унапредување на квалитетот на живот на нашите сограѓани. Она за што би сакал да апелирам е граѓаните кои поседуваат гаражен простор во самите згради, истиот да го користат и со тоа да овозможат новиот простор за паркирање да биде достапен на оние кои немаат сопствени гаражи, истакна денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.