Расправа во Скопје за францускиот предлог: Лош, штетен, не смее да се прифати и молчи…

Францускиот предлог е лош и штетен за Македонија и Владата не смее да го прифати и да молчи. Институциите треба веднаш да реагираат, а во Собранието веднаш да почне разгледување на францускиот предлог, беше порачано на денешната трибина организирана од Институтот за европска политика и Институтот за демократија.

Учесниците оценија дека така конципиран предлог не може да овозможи правичен процес за интеграција на Македонија во ЕУ. Двата институти во заедничкиот документ што го презентираа денеска насловен „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?”, сметаат дека исклучително раното внесување на бугарската заедница во Уставот, може да го искомпликува текот на преговорите.

Собранието веднаш треба да закаже седница на која ќе се разгледува францускиот предлог и дали одговара на резолуцијата донесена од сите парламентарни политички партии. Овој предлог е штетен. Владата треба гласно да го одбие и евентуално да бара корекции. Не смее да се прифати процес без поширока поддршка во општеството. Всушност, речиси никој не знае за што се преговара. Владата молчи, што не е добро, потенцира директорот на Институтот за демократија Марко Трошановски.

За директорката на ЕПИ Симонида Кацарска истакна дека преговарачката рамка е клучниот документ кој ќе покаже каква членка ќе бидеме ние за 10-15 години.

-Од францускиот предлог во моментов може да заклучиме дека дел од решенијата се премногу застапени во пристапниот процес. Нам ни е потребен механизам со кој ќе превенираме отворање на нови прашања, а не документ кој ќе биде искористен како аргумент за отворање дополнителни барања, нагласи таа.

Поранешниот вицепремиер и шеф на дипломатијата Никола Димитров оцени дека предлогот не нè носи кон членство во Европската унија, туку „во тесно сокаче обременето со барањата на Бугарија при што се прават преседани кои ќе имаат последици и за другите држави кандидатки‘.

– Јас мислам дека народот не смее да ја плаќа цената, ако Владата се чувствува слаба, неспособна и очајна, кажа Димитров.

Според поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев поради инфериорната политика Бугарија непречено во изминатите децении ја шири пропагандата дека Македонија е бугарска земја, а Македонците дека се Бугари и таквата пропаганда е влезена во образовниот процес, во учебниците.

-Крајно време е за корекција. Мора јасно да кажеме дека за јазикот и идентитетот не преговараме. Но мора и да се истрае на тој став и да не се попушта, да не се даваат изјави со помирливи тонови, рече Ѓорчев.

ФОТО: Институт за демократија/ФБ

Претходна вестЗа три дена 81 новозаразен со Ковид – 19, нема починати
Следна вестСеднете покрај автопат и гледајте – поинтересно е од Формула 1