Разбиена криминална банда која продавала кокаин на менаџери на локали, банкари, адвокати…

Сузбиена група која во Скопје продавала дрога. Полицијата синоќа спровела акција на повеќе различни локации во македонската метропола, но и во други градови во државата. Целата истрага и подготовка за акцијата траела изминативе три месеци. При претресите пронајдени се дрога оружје и други, а биле приведени три лица додека по едно се трага.
– Во текот на денов МВР до ОЈО ќе поднесе кривична пријава против четири лица и тоа : И.Ј. (41), Б.Ј. (31) двајцата од населбата Ченто, Н.М (37) од населба Чаир, и Д.Р. (19) од село Арачиново, а за постоење основи за сомнение за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, соопшти МВР.
Од полицијата информираат дека четиричлената организирана криминална група од Скопје била со дефинирана строга хиерархиска поставеност, која се занимавала со набавка на поголема количина кокаин, кој бил препакуван, мешан и продаван на корисници на подрачјето на Град Скопје.
-За криминалната група беше утврдено дека во текот на своето делувување вршела коруптивни дејствија заради добивање податоци за мерките кои ги презема МВР кон членовите на ОКГ, како и за добивање корисни информации за конкретни судски постапки кои се водат против нив. Преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со големи износи на парични средства, кои ги инвестирале во купување на луксузни моторни возила, станови и изградба на куќи, се наведува во соопштението од МВР.
Од полицијата информираат дека е документирано и дека оваа група во текот на своето делување користела насилство и закани кон лица-корисници на кокаин, кои навремено не плаќале за набавениот кокаин.
-За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се голем број на материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода беа 12 лица, велат од МВР.
Инаку, претреси биле извршени на повеќе различни локации во населбите Чаир и Ченто и село Грушино, скопско. Пронајдени и привремено одземени се: одредена количина на кокаин, парични средства (6.300 швајцарски франци, 150 САД долари, 150 Евра и 28.500,00 денари), пет луксузни патнички возила (марка Јагуар, БМВ, Ауди А8, Шевролет Калос и Сеат Алтеа), еден пиштол марка „карл валтер“, две пушки и 52 куршуми различен калибар, два панцира, две мали дигитални ваги, повеќе мобилни телефони и др.