Различни диоптрии – Царовска положи кај УНИЦЕФ, а падна кај ИРИ!?

Образовниот процес во Македонија доби две сосема различни оценки. Едните се многу позитивни, а другите многу негативни. За иста работа. Можно ли е толку различни да бидат резултатите од истражувањатѐ? Логички, тоа не е возможно, освен ако нешто не е „штелувано“, како што вели народот. Или прашањата не биле соодветно формулирани.

Високи 67 проценти од македонските граѓани дале лоша оценка за квалитетот на образовниот процес за време на корона пандемијата, покажува најновата анкета на ИРИ. 23 отсто од испитаниците одговориле дека образовниот процес за време на кризата воопшто не се променил, а само 8 отсто сметаат дека наставата во време на пандемија се подобрила.

Толку од истражувањето на Меѓународниот републикански институт. Сега, резултатите од анкетата на министерката Мила Царовска и УНИЦЕФ. Еве што објави Царовска неодамна на Фејсбук:

– Драги ученици, родители и наставници, дојдовме до крајот на учебната 2020/2021 година, која се одвиваше во различни услови и на кои успеавме позитивно да одговориме. Сите ние со заеднички сили и посветена работа обезбедивме континуиран воспитно-образовен процес, квалитетна настава и добро здравје, за што сум бескрајно благодарна.

За крај ви посакувам безгрижен летен распуст, успешно запишување во средните училишта и факултетите според вашите желби. Воедно и ви порачувам да бидете посветени и да верувате во себе затоа што тоа ќе ве направи успешни млади кои нашата држава ќе ја водат напред.

89% од родителите наставата со физичко присуство ја оцениле како одлична или многу добра

80% од родителите ја оценуваат онлајн наставата одлично или многу добро, додека

70% од нив ги оцениле наставниците со одлично или многу добро во однос на тоа како ја реализирале онлајн наставата на далечина, но и наставата со физичко присуство во услови на пандемија.

Навистина збунувачки резултати од обемни анкети. Според ИРИ курсот на Царовска не е добар, но според УНИЦЕФ е на добар пат. Кој греши? И кој има корист од овие различни бројки? Младите секако не. Тие во сите анкети се единствени – над 70 проценти би ја „летнале“ од Македонија.