Регистарските таблички не треба да се менуваат, власта да најде други решенија 

Нов владин ултиматум, нов револт кај граѓаните…

 

Ова со регистарските таблици е чисто безобразие и кражба покриена со закон. Само со една обична налепница би можело да се реши се. За личните карти, тие нека се менуваат по истекот на важноста. Вака, само се зголемува револтот кај народот, реагира Никола Костовски

Што ќе се случува со вратените таблици? Доколку МВР планира да ги продаде како старо железо, зошто тој приход не се искористи за да се намали цената за граѓаните? Ќе му биде ли платена табличката која ја враќа сопственикот бидејќи за неа дал пари?

Многу понижувања и ултиматуми доживуваат граѓаните во Македонија во последно време те на економски план, те на етнички план, те… Најнов ултиматум е дека граѓаните мора да ги сменат регистерските таблички на возилата ако не се од оние кои имаат ознака НМК. Требало да ги снема на улиците регистрациите со ознаката МК како и оние уште постарите кои и немаат никакви ознаки за државата. Зошто тоа мора да се стори? А ако пак запнала власта да уважува секаков притисок од странство зошто не се бара поевтино решение, а не граѓаните да лупнат многу пари во ова време на кризи, и време кога МВР бара да се сменат и личните карти, пасошите… за што исто треба да се плати?

Каде се сега политичарите кои прифатија ваквите работи да „мора“ да се направат? Нели ако се смени името на државата ќе влезевме непречено во ЕУ? Не може ова со смените да се одложи додека и другата страна не почне да исполнува обврски кон македонскиот народ? 

-Ова со регистарските таблици е чисто безобразие и кражба покриена со закон. Само со една обична налепница би можело да се реши се. За личните карти, тие нека се менуваат по истекот на важноста. Вака, само се зголемува револтот кај народот, реагира Никола Костовски.

Кај нас се брза, во земјите на ЕУ има стари таблички

Обврската, ни објаснуваат властите, дошла поради примената на одредби од Преспанскиот договор со Грција. Сега ултимативно не потсетуваат дека треба да заврши и промената на регистарските таблички. И сето тоа во ситуација кога на Грција воопшто не и се брза со исполнувањето на својот дел од одредбите на Договорот. Но, на нашите власти им се брза…

Инаку, ова е трето масовно менување на регистарските таблици во Македонија, но и прво за кое ќе треба од свој џеб да се плаќа за предвременото менување. Во 1993 година се воведоа таблици кои содржеа само кратенки од имињата на градовите – „СК“, „БТ“…, со три бројки и две букви. Во 2012 г. почна воведувањето на таблици со ознаката „МК“ на сина лента на лева страна. Во 2019 г. стартуваа нови таблици со ознаката НМК на сина лента на лева страна, а која во почетен период се ставаше како налепница, што значи дека и таа може да се користи. Со тоа во земјава има повеќе варијанти на регистерски таблици, што е случај и во неколку други европски земји.

– Има земји членки во ЕУ па имаат 3-4 различни и стари таблици – Грција, Бугарија, Шпанија, Италија… Не треба граѓаните да се принудуваат да ги менуваат. Треба само да се задолжат да стават налепница НМК. Не знам зошто ова ни се случува, од незнаење на политичарите или од нивното полтронство, ни вели Драги Стојкоски.

МВР деновиве информира дека промената секој сопственик на возилото ќе го чини од 1.400 до 1.500 денари, зависно од формата. „Поволноста“ било во тоа што промената можела да се изврши пред терминот на годишната регистрација која граѓаните најчесто ги чини и повеќе од 200 евра. Како што беше објавено, од јавниот тендер за набавка на таблици кои МВР го распиша во 2021 година се гледа дека набавната цена на таблиците е 470 денари…

Дошло време пак народот да плати…

-Не е тоа само 1.500 денари туку двојно, кога ќе се додаде денгуба, патни трошкови… Ова постапка не е по барање на граѓаните и ако мора законски да се спроведе коректно би било државата да ги сноси овие давачки, смета Ванчо Ангин.

 Други граѓани се со став дека за ова треба да се бараат други решенија.

 -Целата работа може да се заврши со една најобична налепница од 50 денари. Вака, ќе ни се случи невидено пљачкосување на граѓаните. Изгледа веќе нема што да се продава во државата, па дошло време од народот да се зема, потенцира Ставре Бојковиќ.

-Сето ова е формула за полнење на буџетот. После ќе се изгласа и нов грб на Македонија па ќе има пак менување на дел од работита. Пари се очигледно потребни, идат избори, вели Витомир Дуцкиноски.

Сепак од МВР се децидни – налепници не се предвидени, се добива нов регистерски број.

– Со промена на новата регистарска таблица се добива и нов регистарски број, а се менуваат и останати документи како зелен картон, полиса за осигурување. Старите регистарски таблици се одјавуваат, се вели во одговорот на нашите новинарски прашања.

А граѓаните укажуваат токму на тие последици.

-Не е оправдано менувањето на табличките, може се да се заврши со една налепница. Доколку менувате таблички го губите попустот од осигурувањето кое зависи од видот на колата, наведува Трпе Трпчевски.

А што ако решиш на средина од регистрациското време на смениш табличка (нели даваат таква околност) ќе правиш ли ново осигурување, каско, зелен картон…? Многу нелогичности, многу непотребни заврзлами, понижувања и трошоци… Власта има време ова да го реорганизира во корист на граѓаните од чии пари земаат плата.

Ќе плати ли МВР за старите таблици и кој ќе ги земе?

Посебно е прашањето зошто со промената се опфатени и возилата кои имаат само ознака на градовите и го нема МК – кое ете многу и пречи на власта. Таквите возила се веќе значително стари и за неколку години ќе изчезнат од патиштата со оглед дека таквите регистрации се постари од 12 години, најмалку. Но, сега се стават во ситуација и тие да мора да платат за нови таблички. И, важно е прашањето – што ќе се случува со вратените таблици? Доколку МВР планира да ги продаде како старо железо, зошто тој приход не се искористи за да се намали цената за граѓаните? Ќе му биде ли платена табличката која ја враќа сопственикот бидејќи за неа веќе платил?

Во Договорот не пишува дека треба да се сменат таблиците

На социјални мрежи веќе кружи објавата која се споделува меѓу граѓаните околу тоа дека не постои обврска за менување на таблиците.

-Според член 3 алинеа Д од Преспанскиот договор, треба да се симни само ознаката на регистарските таблици и да биде НМ или НМК. Никаде не пишува дека треба да се сменат таблиците, се потенцира во објавата. Стоп за непотребното ограбување на граѓаните, се наведува во објавата.

Инаку, има и интернет и петиции и иницијативи да се сопре со најавената акција за промена на табличките од МВР.

Претходна вестКазнети 219 возачи, секој трет возел пребрзо
Следна вестПатишта опасни по живот