Реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ во завршна фаза

Реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“, која почна во август 2021 година, интензивно се одвива и е во завршна фаза, соопшти денеска Градот Скопје. Во информацијата се наведува дека на терен се изведени обемни работи на реконструкцијата на коловозите, како и  изведба на  нова атмосферска и фекална канализација.

-Извршена беше реконструкција на булеварот во должина од 1.450 метри. Во периодот на интензивирањето на градежните работи, најнапред беше реконструиран коловозот во делот од улицата „Перо Наков“ до Естекада со изградба на фекална канализација на западниот дел, по што се изгради атмосферската канализација на источната страна. При реализацијата на реконструкцијата на булеварот изведена е атмосферска канализација со вкупна должина од 682 метри и нова фекална канализација во должина од 1.218 метри при што потребно е да се поврзе со приклучна шахта од колекторот, кој е инвестиција на Министерството за финансии, информира Градот Скопје.

Градските власти објаснуваат дека поради налози за стопирања на работите и покренат судски спор поради несогласувања во фази на изградба предизвикани од претходното раководство, проектот доцнеше со изградба.

-Но, со засилен ангажман за надминување на предизвиците конечно се завршуваат работите на санирањето на асфалтот на тој дел на булеварот, стои во соопштението.